Премиерот во синоќешното обраќање порача дека македонските граѓани се определени за членство во ЕУ, но вакви провокации, како што беше настанот во Битола, кои ги повредуваат нашите чувства како граѓани, ја загрозуваат таа определба
Фарса е реакцијата на Ковачевски за клубот „Ванчо Михајлов“. Тој знаел дека Кирил Петков ќе дојде на отворање и дозволил негово регистрирање, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ по синоќешното видеообраќање на премиерот Димитар Ковачевски за посетата на бугарската делегација во Битола по повод отворањето на клубот
„Власта дозволила регистрација на клубот ‘Ванчо Михајлов’. Ковачевски и Османи знаеле и дозволиле Петков и целиот бугарски државен врв да дојде на отворање на клубот, и не реагирале однапред туку по три дена, откако јавноста го осуди чинот, кој е најголем вид на провокација глумат загриженост и осудуваат. Ако Ковачевски го мисли тоа што сега го кажува во однапред снимено видео, тој тоа требаше да го каже пред доаѓањето на Петков, но и да не дозволи отворање на клуб со такво име. Ковачевски и СДСМ оставија целиот настан да помине, со надеж дека јавноста ќе премолчи“,
реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Настанот на кој политичари од Бугарија присуствуваа во Битола во неделата, пак, вчера премиерот во видеообраќање го оцени како поттик за говор на омраза и недоверба. Тој порача дека македонските граѓани се определени за членство во ЕУ, но вакви провокации кои ги повредуваат нашите чувства како граѓани ја загрозуваат таа определба.
