Опозициската партија одговори на обвинувањата од СДСМ за нелегално финансирање на партијата преку, како што беше речено, препродажба на ниви за десеткратно повисоки суми
ВМРО-ДПМНЕ не е истражен орган, но очигледно партијата на премиерот во заминување Заев е, реагираат од опозициската партија, по денешната прес-конференција на СДСМ, на која беше објавено дека е можно лица блиски до Христијан Мицкоски да се вмешани во скандал со препродажба на земјиште, за што и Финансиската полиција отвори предистрага.
„ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите надлежни институции да го истражат случајот поради кој се упадна во четвртокот во домот на пратеник, на денот кога требаше да се гласа за недоверба на владата. Истиот ден кога власта упадна во домот на пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, исто така се дрзна и да киднапира пратеник. И тоа е се со цел луѓето на премиерот во заминување Зоран Заев да останат некој ден повеќе на власт и да имаат можност да направат уште некој криминал“,
се наведува во реакција на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата апелираат Обвинителството да го испита случајот, а „партијата на премиерот во заминување да побара расветлување на низа други криминални случаи каде што постојат вистински докази’.
Од ВМРО-ДПМНЕ ја нападнаа и пратеничката на СДСМ, Славјанка Петревска, посочувајќи дека, додека таа била државен секретар во МВР, министерот Оливер Спасовски издавал пасоши на мафијаши низ целиот свет.