„СДС во шпекулациите се обидува да сокрие и дека факлите спаѓаат во групата пиротехнички средства од трета категорија, што се во слободна продажба и без обврска на продавачот да го извести надлежниот орган, односно Отсекот за оружје. Се продава на физички лица, што не треба да имаат посебен документ за ракување, а се продава со упатство за употреба, односно напомена дека не смее да се користи во затворени простории“, пишува во партиското соопштение
Собирот на Унијата на млади сили (УМС) на ВМРО-ДПМНЕ се одржа на отворено, при што се испочитувани сите параметри и предвидени законски норми. За настанот беа известени Министерството за внатрешни работи (МВР), Противпожарната бригада и Итната медицинска помош, чии екипи беа таму присутни. Ова е денешната реакција на владејачката ВМРО-ДПМНЕ откако од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) обвинија дека на вчерашната прослава на Унијата на млади сили (УМС) на ВМРО-ДПМНЕ биле употребени пиротехнички средства, за кои посочија дека не само што се законски забранети и опасни, туку се и причина за пожарот и големата трагедијата во Кочани што ја зави државата во црно.

„СДС наместо политика продава некрофилство, а наместо одговор на пораките од годишната конференција на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, СДС се фати за факлите. Иако и сама наведува дека според законот, член 31, што сами го наведуваат, забраната за употреба се однесува за во затворени простории, а собирот беше на отворено. Уште повеќе, СДС во шпекулациите се обидува да сокрие и дека факлите спаѓаат во групата на пиротехнички средства од трета категорија, што се во слободна продажба и без обврска на продавачот да го извести надлежниот орган, односно Отсекот за оружје. Се продава на физички лица, што не треба да имаат посебен документ за ракување, а се продава со упатство за употреба, односно напомена дека не смее да се користи во затворени простории“,
се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму посочија дека опозицијата на овој начин ја злоупотребува болката на семејствата на загинатите во пожарот во Кочани.
„СДС наместо политика повторно се качува на бранот злоупотреби до сега видени во ‘вистината за Смилковско‘ или ‘вистината за Тамара‘, каде бесчувствителноста на СДС сметавме дека е врвот. СДС нема дно на бесчувствителноста што не може да го пробие во борба за личен опстанок. Затоа и не им пречеше користењето на пиротехника на прославата на навивачките групи кои победите на своите тимови оваа недела ги прослави на ист начин, со пиротехника од трета категорија“,
велат од владејачката партија.
Од СДСМ поставија и низа прашања до надлежните институции и бараат одговори за тоа кој наредил и кој одобрил употреба на пиротехника на прославата на УМС, како и кој ја набавил и ја дистрибуирал.
Упатија и прашање до МВР зошто молчи и дали за УМС на ВМРО-ДПМНЕ не важат законите.
Партијата потенцира дека согласно новиот закон членот 31 предвидува казни и одговорност за ваква употреба на пиротехнички средства.
Годишната конференција на УМС на ВМРО-ДПМНЕ се одржа вчера во Велес, а обраќање имаше и премиерот и лидер на партијата Христијан Мицкоски.