„Го повикуваме јавно да каже, портпаролот на СДС и претседател на ССМ, колкава е неговата плата и ако е над просечната, како тој знае што им треба на работниците кои земаат помали плати од него, кога не бил во нивните кондури“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение го обвини претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, дека „ниту го интересира минималната плата, ниту подобрувањето на животниот стандард, а најмалку, пак, работниците“.
Во партијата сметаат дека Трендафилов шири популизам и лоши економски политики кои, според ВМРО-ДПМНЕ, се директно по нарачка од, како што велат, коалицијата на СДСМ, ДУИ и Левица.
„Барањата на ССМ се нестварни, но тоа не нѐ чуди, бидејќи што може да се очекува од партискиот синдикат на СДС. Трендафилов не го интересира животот на работниците, ниту, пак, сака реално да помогне во изнаоѓање на решенија и подобрување на животот на работниците, туку го интересира тоа каде ќе оди на одмор следниот продолжен викенд со големата плата којашто ја заработува врз грбот на граѓаните. Го повикуваме јавно да каже, портпаролот на СДС и претседател на ССМ, колкава е неговата плата и ако е над просечната, како тој знае што им треба на работниците кои земаат помали плати од него, кога не бил во нивните кондури“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Повикаа Трендафилов да престане да биде, како што велат, слуга на СДСМ, ДУИ и Левица и да почне да се однесува како што му наликува на еден синдикалец.