Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ повторува дека на првата средба со претставниците на коалицијата „Вреди“ не станало збор за распределба на ресори, туку за принципите на кои би почивала идната соработка
ВМРО-ДПМНЕ претендира да ги има позначајните министерства и функции базирајќи се на резултатот и огромната победа на партијата, но на крајот, како би изгледал форматот на новата влада е одлука на мандатарот Христијан Мицкоски, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
По саботната средба на која во штабот на коалицијата „Вреди“ по првпат разговараа челниците на ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата „Вреди“, Мисајловски вели дека атмосферата била пријатна, па и еуфорична поради резултатот, и дека се разговарало за принципите на кои би почивала идната влада, како што се борбата против корупцијата, економијата, европските интеграции, но и за тоа како двете страни да создадат партнерски и принципиелни односи.
„Тие принципи ако ги направиме на почеток и ако покажеме дека се почитуваме меѓу себе, мислам дека многу побрзо ќе одат преговорите, но ова беше добра основа и многумина велат – зошто ВМРО-ДПМНЕ појде со помалата партија? Не, ние сакаме да покажеме дека големите треба да ги почитуваат сите мали и мислам дека покажавме сосема поинаков пристап“,
вели Мисајловски.

Кога станува збор за претседателското столче во Собранието и дали според бројот на освоени мандати – 58, ВМРО-ДПМНЕ очекува да го добие ова место, Мисајловски вели дека како партија претендираат за сите позначајни места, но тоа е одлука на мандатарот, иако барем засега не се разговарало за кадровските решенија.
„Не сме седнале да ги разговараме овие кадровски прашања, навистина е така, не го кажувам само затоа што сум гостин во емисијата. Не, навистина не се разговара за нешто такво, прво да ги договориме принципите и програмите, па потоа ќе разговараме за кадровски прашања и мислам дека е добро и од наша страна да не ги зборуваме ресорите бидејќи потоа се губи довербата“,
рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, главна заложба на двете страни е борбата против корупцијата.
360°: За сите таму што седеа можеби има по еден актуелен случај за кој ќе биде интересно да видиме како ќе пристапи ВМРО-ДПМНЕ. Да речеме, има обелоденет случај на масовна незаконска легализација на повеќе од 20 огромни градби во Чаир. Знаеме кој е таму на власт со години, Изет Меџити. Има еден случај на очигледен обид за местење на тендер за набавка на амбулантни возила во здравство додека во тој ресор на чело е кадар на Арбен Таравари, дојде нов министер, го поништи тендерот бидејќи половина милион евра беше разликата помеѓу двете понуди. Така што, ако „Вреди“ се искрени и вие сте искрени, има на што да покажете дека сакате да се борите.
„Нашиот одговор беше дека ќе нема толеранција спрема никој и ако некој сака со нас во коалиција, да нема толеранција ниту нивните членови ниту, пак, оние кои ќе бидат функционери од ВМРО-ДПМНЕ. Ако сакаме нешто заеднички да промениме, треба да тргнеме од нас, но она што се зборуваше беше да нема политички прогон, да нема монтирани случаи, како што правеа СДСМ и ДУИ за икс причини, а ДУИ навистина правеа многу интриги на многу лидери на политички партии“,
вели Мисајловски.
