Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш го повторија својот став дека уставни измени нема да има. Сметаат дека премиерот Димитар Ковачевски нема доволно пратеници за промена на Уставот и му порачаа да се подготви за, како што велат, брзо заминување.
„Ковачевски ако имаше пратеници за уставни измени, истите ќе ги ставеше на гласање многу одамна. Утре ќе се види повторно дека промена на Устав нема да има. Сè што прави Ковачевски е држење на државата во заложништво заради неговата желба ден повеќе да остане на власт. Додека Ковачевски и власта продаваат магла, нивните пајташи низ државата прават криминал, договараат тендери и матни зделки, а народот се иселува“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачкиот СДСМ, пак, веруваат дека има пратеници кои, како што велат, ќе се одважат и ќе ја покажат својата подготвеност и одлучност за иднината.
„Уставните измени се единствениот пат до Европската Унија. Свесни сме дека ова подразбира ниво на сеопшта државна одговорност, дека ги обврзува сите 120 пратеници без никаква разлика и исклучок и без разлика на статусот на власта и опозицијата. Ова е шанса нашата држава да продолжи напред кон иднината. Пред пратениците е историска одлука. Сè зависи од сите нас“,
изјави претседателката на Надзорниот одбор на СДСМ, Виолета Аврамоска-Мадиќ, во интервју за неделникот „Фокус“.
Таа побара учество и поддршка од опозицијата, особено од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ за која вели дека треба да ја искористи шансата и на дело да покаже дека е навистина за интеграција во ЕУ.
„Сега е потребно обединување околу уставните измени во кое сите заеднички ќе се обврземе за пристапување во Унијата. Мора да се искористи оваа шанса. Можноста што се дава на опозицијата да се приклучи кон европскиот фронт е шанса што треба да ја искористат и да го дадат својот глас, што поскоро. Ќе се гласа за предлог со заштитен идентитет, традиција, јазик и општествени вредности на граѓаните. Преговорите мора да продолжат по завршувањето на скринингот, но тоа нема да се случи без промена на Уставот. Изборот е многу јасен – или ќе ги изгласаме уставните измени или Република Северна Македонија ќе скршне од вистинскиот пат“,
заклучи Аврамоска-Мадиќ.
Во пресрет на утрешната собраниска седница на која на дневен ред ќе се најдат уставните измени, премиерот Димитар Ковачевски денеска порача дека тие се императив за секој граѓанин на оваа држава и нагласи дека бројката од 80 пратеници не ѝ е потребна на Владата, туку на граѓаните.