Казната за овој, но и за сличните случаи, како што велат од партијата, мора да биде најстрога за да се испрати јасна порака дека никој не смее да си игра со законот
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ повика обвинителството и судот да му одредат најстрога казна на возачот што синоќа со автомобил усмрти 22-годишна девојка на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.

Казната за овој, но и за сличните случаи, како што велат од партијата, мора да биде најстрога за да се испрати јасна порака дека никој не смее да си игра со законот.
„Наместо декларативни казни, потребни се суштински мерки кои ќе делуваат превентивно за секој што ќе се осмели да управува моторно возило без возачка дозвола, во алкохолизирана состојба или при намалена свесност. Овој случај ќе го има вниманието на јавноста и на ВМРО-ДПМНЕ и апелираме до институциите да работат според закон“,
велат од владејачката партија во писменото соопштение испратено до медиумите.
ВМРО-ДПМНЕ ги повика политичките субјекти и јавни личности да не ја користат несреќата за сопствени интереси, а наместо тоа да се фокусираат на поддршка на семејството на починатата, како и на иницијативи што ќе придонесат за зголемување на безбедноста во сообраќајот.
„Истовремено, ги повикуваме сите граѓани да останат обединети во оваа трагична ситуација. Нашата заедничка цел треба да биде обезбедување на безбедни улици и почитување на законите. Нека почива во мир Фросина Кулакова, а нејзината трагична судбина нека биде поттик за сите нас да работиме на подобрување на безбедноста и одговорноста во нашето општество“,
додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно, Обвинителството информира дека 20-годишникот што ја прегази 22-годишната девојка во Скопје возел под дејство на алкохол, немал возачка дозвола и за време на несреќата со автомобилот поминал на црвено.
Дополнително, од ОЈО Скопје информираа и за претходните кривични дела за кои било гонето момчето – неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
Во текот на постапката за овие дела момчето било во притвор, а скопското обвинителство поднело обвинение со предлог за продолжување на притворот. Судот, пак, ја укинал притворската мерка за обезбедување и одлучил момчето да биде испратено во воспитно-поправниот дом во Тетово.