Поради неодговорноста на власта на Заев, граѓаните ќе плаќаат 4,13 денари повеќе за секој литар купено гориво, обвинува опозициската ВМРО-ДПМНЕ. ОД партијата велат дека оваа такса трајно го поскапува горивото и отвора инфлаторна спирала, а власта ја воведува само за да пополнува буџетски дупки и да го ублажи катастрофалниот долг кој го создаде.
„Токму преку вакви нови такси, повисоки даноци, поскапа струја и слични давачки, власта на Заев ќе ја покрива својата погрешна финансиска политика. За само 4 години власта на Заев го искачи долгот на рекордни 7,2 милијарди евра, или загрижувачки 63% од БДП. Само за илустрација долгот за овие 4 години порасна за нови 2,4 милијарди евра или за цели 50% повеќе отколку што наследија. Заев на секое просечно семејство му натовари нов долг од 4800 евра за време на својата власт.“
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата на Христијан Мицкоски велат дека апсолутно никој не знае каде завршиле овие милијарди од новите долгови, како и милијардите од даноците кои ги плаќаат граѓаните, а нема ниту капитални инвестиции, ниту поддршка за стопанството, нити нови училишта, болници, градинки, автопати и слично.
„Затоа и овие 4,13 денари по литар поскапено гориво е обична петро-заева такса која треба врз грбот на граѓаните да ги покрива погубните економски и финансиски политики на Заев, криминалот, корупцијата и галопирачкото задолжување.“
додава ВМРО-ДПМНЕ.