Од партијата денеска истакнуваат дека ако во владата има барем малку демократија, тие ќе го поддржат референдумот и ќе ги повикаат граѓаните да излезат во што поголем број
Од владејачката СДСМ пак, укажуваат дека референдум против ЕУ, против македонски јазик во Унијата, нема поддршка од граѓаните, нема да успее и дека ова е погрешен начин на Мицкоски за спас на својата фотелја
ВМРО-ДПМНЕ почнува постапка за задолжителен референдум за укинување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, најавуваат денеска од партијата.
Извршниот комитет на партијата вчеравечер донесе одлука да се започне со собирање 100 потписи за граѓанска иницијатива, која потоа ќе биде доставена до Собранието. Како што изјави синоќа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски очекуваат од Собранието да ја одобри иницијативата, по што ќе почнат да течат роковите за собирање на 150 000 потписи за организирање референдум кој ќе биде задолжителен.

Референдумското прашање, кое е усвоено, како што рече, по долги консултации со експертите, коалициските партнери и телата на партијата ќе гласи: „Дали сте за напуштање на важноста на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Р Македонија и Р Бугарија објавен во Службен весник бр: 12/2018 од 18.01.2018 година?“
„Овој договор е корен на сите проблеми и почеток на негацијата на македонскиот јазик, идентитет и историја“,
рече вчера Мицкоски.
На прашањето, како мислат да обезбедат 900 000 гласа за да биде успешен референдумот, имајќи предвид дека голем број граѓани, посебно од албанската заедница го поддржуваат како основа за ЕУ интеграција, Мицкоски рече дека очекува европско однесување на власта која нема да ги спречува граѓаните да гласаат.
„Овој е задолжителен, а не консултативен како претходниот. Не би сакал да ни се повтори тој минатиот кога имаше излезност од 90 отсто во средини, каде што знаеме дека нема ни 30-40 отсто население. Се надевам дека власта ќе покаже европско однесување и нема да ги спречува оние граѓани кои сакаат да гласаат. Се надевам дека има и албански граѓани кои не се согласуваат со она што ни го прави Бугарија, ќе станат и против асимилацијата која му се случува на македонскиот народ. Очекувам одговорен пристап на Владата и спикерот да се соберат овие потписи и да одиме на референдум. На тој начин Владата ќе има почиста позиција“,
истакна Мицкоски.
Од партијата денеска истакнуваат дека ако во владата има барем малку демократија, тие ќе го поддржат референдумот и ќе ги повикаат граѓаните да излезат во што поголем број.
Иницијативата за Референдум е лична одлука на Христијан Мицкоски за спас на сопствената фотелја во ВМРО-ДПМНЕ, реагираа од СДСМ.
Од владејачката партија укажуваат дека референдум против ЕУ, против македонски јазик во Унијата, нема поддршка од граѓаните, нема да успее и дека ова е погрешен начин на Мицкоски за спас на својата фотелја.