„Нѐ радува фактот што албанските партии во власта бараат свое место за Албанците во науката, тоа го поздравуваме и покажува разлика од тоа што го правеше ДУИ, кои бараа места само во тендерски зделки и притоа станаа зелена партија“, рекоа од партијата

Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) е единствената институција која ја обединува македонската научна мисла и во нејзиниот состав има научници од различни етнички заедници, се вели во писменото соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
Соопштението доаѓа како реакција по вчерашната најава од лидерите на нејзиниот коалициски партнер „Вреди“ дека ќе бараат здружението „Албанска академија на науките и уметностите – Тетово“ да прерасне во институција финансирана од државниот буџет.
Како привремено решение, тие се договорија ова здружение да добие општинско финансирање.
Денеска на тоа следуваше одговор и од ДУИ, која смета дека Албанците треба да бараат правична застапеност во МАНУ наместо „општински квазиакадемии“, како што стоеше во нивното соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека науката е столб на напредокот и просперитетот на секое општество и затоа е исклучително важно да се зачува нејзината автономија и непристрасност.
Политизирањето на науката, како што велат, може да доведе до субјективност и пристрасност во истражувањата, што ќе го загрози нејзиниот кредибилитет и квалитет.
„Нѐ радува фактот што албанските партии во власта бараат свое место за Албанците во науката, тоа го поздравуваме и покажува разлика од тоа што го правеше ДУИ, кои бараа места само во тендерски зделки и притоа станаа зелена партија“,
се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Во него се додава дека како критериум за членството во една академија на науките не може да биде етничка или политичка припадност, туку научните достигнувања и придонесот во општеството. Науката не е нешто кое треба и може да се политизира и етнизира.
„Еден од главните аспекти на науката е нејзината способност да ги премостува разликите и да се фокусира на факти и докази, без оглед на етничката припадност на научниците. Науката бара посветеност, напорна работа и високи академски стандарди, кои се основа за постигнување на извонредност и иновации. Само преку строгите критериуми и мерила можеме да осигуриме дека најдобрите и најквалификуваните ќе ги водат нашите научни институции и ќе придонесуваат за нашето општество“,
соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Затоа, додаваат од партијата, мора да се задржат високите стандарди и да се осигури дека Академијата на науки останува репрезентативна и престижна, базирана на заслуги и академски достигнувања.
„Ќе ги адресираме сите проблеми и предизвици во интерес на заедничката држава и заедничкиот патриотизам, но никако на штета на заедничките институции, туку во нив“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Ова е втор случај за само неколку дена во кој партиите што ја сочинуваат владината коалиција покажуваат различни или спротивставени гледишта во врска со начините на кои етничките заедници се или треба да бидат претставени во државата.
Претходно, во петокот, министерот за јавна администрација Горан Минчев од партијата ЗНАМ врати 115 од 120-те поднесени планови за вработување на институциите бидејќи, како што рече, не го почитувале новиот начин на пресметување на балансерот, кој го зема во предвид само резидентното население според пописот во 2021 година, а не вкупното население.
Тоа практично значи дека процентот за Македонците се зголемува од 54, 21 отсто на 58,44 отсто, а кај Албанците се намалува од 29,52 отсто на 24,30 отсто.
„Ги повикувам институциите од јавниот сектор да постапат по нашите забелешки, укажувања и инструкции и во најкраток можен рок да ги достават повторно на одобрување до Министерството за јавна администрација“,
рече Минчев.
Уште истиот ден реагираа од коалицијата „Вреди“, од каде рекоа дека брзо ќе дојдат локалните избори и на партијата ЗНАМ повторно ќе и текне дека без Албанците нема победа во Куманово.
„Очекувавме дека министерот Минчев ќе ги поништи сите огласи според Балансерот во кои Македонци се определуваа како Албанци за да се вработат во јавната администрација. Токму тоа е злоупотреба на Балансерот кое неговото Министерство не смее да го премолчува. Истовремено, порационално е Димитриевски и Минчев да направат список на државни институции во кои сè уште нема пристап за Албанците. Намалувањето на процентите на Албанците е предизборен фолклор и аргумент плус зошто е неопходно да се укине Балансерот и да се донесе Закон за правична застапеност. Со таков пристап ќе се елиминира некои политичари како Димитриевски и Минчев да одлучуваат колку и какви Албанци ќе се вработуваат во јавната администрација“,
се вели во реакцијата на „Вреди“.