Овој пат протестот е под мото „Здравје, а не провизии“ и е во организација на скопскиот комитет на партијата
Втор сабота по ред ВМРО-ДПМНЕ ќе протестира пред Министерството за здравство, овој пат под мото „Здравје, а не провизии“.
Протестот го организира Скопскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Минатиот викенд, партиската Унија на жени организираше протест на истата локација, под мотото „Здравјето не е статистика, жените против неправдите“.
Денешниот ден беше еден од најкритичните од почетокот на третиот бран на ковид-19, кога се регистрирани 33 смртни случаи и над 1 400 новозаразени, додека претседателот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски изјави дека следната недела е круцијална во однос на бројките на заразени, починати и болнички кревети.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ги критикуваше и вечерва политиките на Владата во однос на менаџирањето на ковид-кризата, порачувајќи дека ќе има одговорност.
„Ако дозволиме да поминат грешките што чинат животи, ако трчаат по провизии наместо да се борат, ако се сончаат по плажи затоа што евтини им биле аранжманите, наместо да се борат за вакцини, ако се тоа помине, тогаш ништо не сме направиле“,
рече Мицкоски.
Од СДСМ, пак, возвратија дека Мицкоски ја поткопува борбата против пандемијата и дека не се грижел за заболените од ковид-19 кога, како што велат, одел по кафеани и теретани, но и кога организирал протести.
