„Бараме СДС да го исклучи од Совет и Венко Филипче јавно да се огради од својот советник. Советникот на Филипче повреди вработена во општина Кочани. И тоа е голем инцидент. Жално е на какви ниски гранки падна СДС“, се наведува во реакцијата на владејачката партија
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ обвини дека СДСМ ги замачкува очите на јавноста со осудата која партијата ја изрази во врска со денешниот инцидент во Советот на Општина Кочани кога советникот од Партијата за демократските просперитет на Ромите (ПДПР), Аки Акимов, обидувајќи се физички да се пресмета со свој колега, со шише вода ја погоди в глава Ана Кралева, помошник-раководител на Секторот за правни, јавни дејности и општи работи.

ВМРО-ДПМНЕ оцени дека СДСМ дал само декларативна осуда за инцидентот.
„Советникот на Филипче повреди жена, а ова е данокот на омразата и злоупотребите кои СДС ги прави во Кочани и злоупотребите со трагичните судбини на жртвите од пожарот во ‘Пулс’. Бараме СДС да го исклучи од Совет и Венко Филипче јавно да се огради од својот советник. Советникот на Филипче повреди вработена во општина Кочани. И тоа е голем инцидент. Жално е на какви ниски гранки падна СДС“,
се наведува во реакцијата на владејачката партија.
Претходно денеска од СДСМ го осудија насилството на седницата на Советот на Општина Кочани. Посочија дека се оградуваат од постапките на советникот што го предизвика денешниот инцидент, додавајќи дека не станува збор за член на СДСМ, туку на коалициски партнер.
На денешната седница на Советот на Општина Кочани се случи инцидент откако советникот Аки Акимов од Партијата за демократските просперитет на Ромите (ПДПР) се обиде физички да се пресмета со свој колега.
По размената на навреди и пцости, Акимов додека се обидуваше да дојде до другиот советник, со шише вода ја погоди право в глава Ана Кралева, помошник-раководител на Секторот за правни, јавни дејности и општи работи во Општината, која седеше во последниот ред во салата за седници. Од силниот удар таа се струполи наземи, а страстите полека се смирија додека колегите ѝ укажуваа помош.