Реагираше и опозициската Алијанса за Албанците од каде сметаат дека оставките се задоцнети и се обид да се избегне одговорност
Филипче вечерва во обраќање од Владата рече дека како лекар и министер има интегритет и затоа од морални причини понудил оставка
Оставката на Венко Филипче не е доволна, потребно е оставка на Зоран Заев кој е централниот дел на пирамидата на нефункционирањето на системот, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ откако министерот за здравство соопшти дека понудил писмена оставка до премиерот.
„Само оставка на Заев ќе гарантира независна и објективна истрага. 15 животи згаснаа во институција за чија безбедност е должна и одговорна државата.Заев да не се крие позади оставката на Филипче. Овој народ виде оставки кои не беа чин на одговорност туку чин на амнестија, како што беше таа на Кирацовски или Рашкоски. Потребна е вистинска одговорност“,
пишува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Реагираше и опозициската Алијанса за Албанците од каде сметаат дека оставките се задоцнети и се обид да се избегне одговорност. Оттаму бараат обвинителството да дејствува итно.
„Тие коишто пред само 24 часа рекоа дека е време за предизвици, а не за оставки, по објавувањето на првите индиции за трагични грешки во изградбата на модуларната болница во Тетово, даваат оставки. Овие задоцнети оставки се обид да се оправда нефункционалната влада која мора да поднесе оставка до последниот. Тактика на неодговорни функционери за да ја покријат својата вина, брзање да го амортизираат револтот на граѓаните и игра да избегаат од одговорноста. Во минатото видовме случаи што завршија со оставка и во следниот мандат со повторно назначување на истите функционери во други оддели, но без никаква кривична одговорност. Трагедијата во Тетово го потресе светот, избриша 14 животи и ги изгоре срцата на сите нас. Овој случај не смее да остане без правда и без одговорност. Го повикуваме обвинителството да не подлегне во политички игри, да дејствува итно и да не дозволи ниеден од осомничените да избега и да ни се случи ’Будимпешта 2‘“,
велат од Алијанса за Албанците.
Филипче вечерва во обраќање од Владата рече дека како лекар и министер има интегритет и затоа од морални причини понудил оставка.
„Последната трагедија во Тетово многу ме погоди. Мнгоу жалам за загинатите, сочувствувам со нивните семејства, нема зборови што тоа може да го опишат ниту начин за да се надомести загубата. Како лекар и министер имам интегритет. Затоа денеска од морални причини понудив пишана оставка до премиерот Зоран Заев“,
рече Филипче.
Пред Филипче, оставки поднесоа уште тројца функционери. Заменик-министерот за здравство, Илир Хасани, и медицинскиот и економскиот директор на Клиничката болница во Тетово, Флорин Бесими и Артан Етеми.