Претседателот на Комисијата за избори и именувања Костадин Костадинов изјави дека засега не се знае кога ќе продолжи седницата, посочувајќи дека имало расправии и тензии и оти пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се обиделе да ја попречат работата
Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска не успеа да утврди кандидати за уставни судии што потоа треба да ги избере собранискиот пленум. Неизвесно е кога ќе продолжи комисиската седница, но мали се чинат шансите изборот на уставни судии да се најде на дневен ред на собраниската седница чиј почеток е закажан за утре.
Претседателот на Комисијата Костадин Костадинов изјави дека засега не се знае кога ќе продолжи седницата, посочувајќи дека имало расправии и тензии и оти пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се обиделе да ја попречат работата на собраниското тело.
Костадинов претходно, во изјава за МИА, ги обвини пратениците на опозициската партија дека недоволно ги познаваат процедурите во врска со изборот на судии на Уставен суд.
„Не може да ги имаме биографиите на потенцијалните уставни судии кога се знае дека членовите на КОмисијата за избори и именувања ги предлагаат кандидатите. Процедурата е следна, на самата седница колегите – членови и заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата даваат предлози за уставни судии. Поднесуваат биографии за нив, даваме пауза, сите пратеници ги имаат на увид биографиите и продолжуваме со одлучување. По одлучувањето, предлогот на одлуката оди на конечно одлучување на пленарна седница“,
објасни Костадинов.
Од друга страна, пратеникот Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека она што денеска се случувало на Комисијата за избори и именувања само докажува колку се погрешни политиките што ги води власта, преводена од СДСМ.
„Наместо Владата да се насочи кон тоа што побрзо да се донесе закон за Уставниот суд или да пронајде начин како Уставниот суд би играл клучна улога во зачувувањето на уставниот поредок, како што тоа е пример во сите развиени европски држави или да се обидеме оние кои се во Уставниот суд да бидат навистина оние најпаметните, најпрофесионалните луѓе со дигнитет, гледаме уште еден обид на власта на еден крајно шверцерски, компромитирачки начинда се стави таа точка на дневен ред. Притоа се кршат буквално сите процедурални правила, веќе по кој знае по кој пат во работата во Собранието, и постојано обидувајќи се да ја дефокусираат јавноста со тоа што ќе го обвинат ВМРО-ДПМНЕ дека го бојкотира Собранието“,
рече Јанушев.
Собранието треба да избере тројца уставни судии, за што во Уставот како единствен критериум е посочено дека треба да бидат истакнати правници. За тоа се потребни мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, додека за судиите од малцинските заедници е потребно и Бадентерово мнозинство.
Кон крајот на мај им истече мандатот на тројца уставни судии, чии места треба да бидат пополнети.