„Нема поголем доказ за компромитираноста на судот и обвинителството, штом дојдоа до тоа дереџе СДС и ДУИ да ги бранат. Тие што ги избираа, негуваа и поддржуваа изминативе години, сега си ги бранат своите кадри“, се вели, меѓу другото, во реакцијата од владејачката партија за ставовите што заменик-претседателката на СДСМ ги изнесе во интервјуто за „360 степени“, а се однесуваат на актуелните иницијативи на власта во делот на првосудството
Постојаната одбрана на ова судство и обвинителство од страна на СДСМ е доказ чии се тие судии и обвинители и зошто вака му оди на правосудството во земјава, се вели во писмената реакција на владејчката ВМРО-ДПМНЕ на ставовите на заменик-претседателката на опозициската партија, Фани Каранфилова-Пановска изнесени во интевјуто за „360 степени“ емитувано вечерва на МРТ 1.
Од владејачката партија остро реагираа на наводите на Каранфилова-Пановска за иницијативите на Владата за разрешување на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски и интерпелациите за петмина членови на Судскиот совет кои се во собраниска процедура.
„Нема поголем доказ за компромитираноста на судот и обвинителството, штом дојдоа до тоа дереџе СДС и ДУИ да ги бранат. Тие што ги избираа, негуваа и поддржуваа изминативе години, сега си ги бранат своите кадри. Ова однесување на СДС и Фани Каранфилова-Пановска, кое е само продолжение на однесувањето на СДС изминатите 7 години го донесе падот на листата на Транспаренси и го донесе рејтингот на судството и обвинителството дури и за нијанса полошо од рејтингот на СДС како партија“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Според владејачката партија, срамот и компромитираноста на судиите и обвиниителите станува појасна кога СДСМ и ДУИ ги бранат.
Заменик-претседателката на опозицискиот СДСМ, одговарајќи на прашања во врска со постапките за разрешување на Коцевски и интерпелациите на дел од членовите на Судскиот совет, рече оти е очигледно дека ВМРО-ДПМНЕ прави сериозен упад во независната судска власт, обидувајќи се тоа да го прикаже како реформа во правосудството.
„ВМРО ДПМНЕ со огромно мнозинство во парламентот има токму таква можност да се обиде да ги спроведе реформите коишто ќе ја вратат довербата во судството меѓу граѓаните, а не да прави половични решенија коишто не покажуваат ништо друго, освен нивна интенција дека на тие места треба да дојдат нивни партиски послушници“, вели Каранфилова-Пановска, во интервјуто за „360 степени“.