Доколку Пендаровски одбил членство во Европската економска зона, тогаш тој постапил неодговорно, реагираат денеска од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение, на изјавата на претседателот на државата Стево Пендаровски дадена на вчерашната конференција за Западен Балкан организирана од „Пријателите на Европа“.
Членувањето во Европската економска зона ја олеснува трговијата и протокот на луѓе и стока, а одбвањето го сметаат за антидржавен чин.
„Стево Пендаровски и Зоран Заев не се монарси, на кои народот им го предал правото безусловно да владеат и Македонија не е нивна своина, ниту Пендаровски, ниту Заев не смеат да донесуваат стратешки одлуки без да го прашаат народот. Кого прашал Пендаровски кога ја одбил понудата Македонија да стане членка на Европската економска зона?“,
прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозициската партија објаснуваат дека Европската економска зона е посебна зона составена од држави кои се дел од заедничкиот пазар на ЕУ, во која членуваат: Норвешка, Лихтенштајн и Исланд, а пред да влезе во ЕУ таму била и Хрватска.
„Со членувањето во Европската економска зона државата станува дел од заедничкиот пазар на ЕУ на чија територија важат исти правила, прописи и трговијата кон земји членки на ЕУ се одвива слободно, како земјата да е членка на ЕУ. Одбивањето на ваква понуда е скандалозно. Државниот врв не смее да донесува одлуки на своја рака и за ваква понуда мора да се консултира со граѓаните. Одбивањето на понудата е антидржавен чин. Пендаровски и Заев да кажат зошто ја одбиле понудата и од чии странски интереси се воделе“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.