Активната блокада на Собранието која почнува денеска, според координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, подразбира попречување на штетните закони и политики, а оти ова е процес што ќе трае најверојатно до пад на актуелната влада и одржување предвремени парламентарни избори
Според премиерот Димитар Ковачевски, пак, блокадата на Собранието од страна на најголемата опозициска партија е неодговорна и за политички цели, а потенцира оти со блокирање на Собранието се бојкотираат граѓаните и компаниите. Зборувајќи за предвремени избори, Ковачевски вчера порача дека изборите ќе бидат редовни, во 2024 година
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“ од денеска почнуваат со активна блокада на Собранието која ќе трае, како што велат, сè до договорот за датум за предвремени парламентарни избори.
Одлуката за блокада на Собранието беше потврдена едногласно на вчерашниот состанок на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, на кој присуствуваше и лидерот на партијата, Христијан Мицкоски.
Блокадата, според координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, подразбира попречување на штетните закони и политики, а оти ова е процес што ќе трае најверојатно до пад на актуелната Влада и одржување предвремени парламентарни избори.
„Подготвени сме да одиме до крај зашто можеме и мораме да ја осигураме иднината на граѓаните“,
изјави Мицевски.
Според партијата, активната блокада е барање на граѓаните, бидејќи, според нив СДСМ создаде криза и сиромаштија.
Според премиерот Димитар Ковачевски, пак, блокадата на Собранието од страна на најголемата опозициска партија е неодговорна и за политички цели. Тој потенцира оти со блокирање на Собранието се бојкотираат граѓаните и компаниите.
Премиерот порача оти Собранието е место каде се носат и унапредуваат законите и истакна дека не смее да се дерогира работата на Парламентот преку одржување на лидерски средби, на кои на политичко ниво, без никаква дебата би се разговарало за теми од оперативен карактер. Зборувајќи за предвремени избори, Ковачевски вчера порача дека изборите ќе бидат редовни, во 2024 година.
„Избори ќе има во 2024 година, прво претседателски, па парламентарни, во својот редовен термин. Доста беа времињата кога во државата се правеа избори на само две години, кога економијата стоеше и кога единствено нешто што правеше владејачката партија, беше мерење на својот рејтинг и одење на избори и на крајот видовме како заврши целиот тој процес. Владата има полн легитимитет и мандат, посветена е на решавање на проблемите и справување со предизвиците пред граѓаните и државата“,
порача вчера Ковачевски.
Претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, пак, смета дека предвремени парламентарни избори треба да има во октомври годинава доколку земјава не добие датум за преговори на Самитот на Европската Унија во јуни.
По вчерашната седница на Претседателството на партијата, Села изјави дека власта нема легитимитет и кредибилитет до редовните парламентарни избори во 2024 година.
Во меѓувреме, лидерот на ДУИ, Али Ахмети е на ставот дека бојкотот на Парламентот што го најави опозицијата е саботажа на граѓаните.
„Предупредувањето на ВМРО-ДПМНЕ за бојкот не му служи на здравјето на самата партија, бидејќи тоа не е поддржано од ниту една земја на ЕУ. Каква е визијата со блокадата што ја прават? Дали сакаат да си го подобрат партискиот имиџ или сакаат да бидат црна дупка во Македонија? Јас не знам која е нивната агенда и каква блокада ќе наметнат, но со саботажа на законите што се во корист на граѓаните мислам дека нема да добијат добар имиџ“,
рече вчера Ахмети.
Ахмети се согласува со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски доколку повикува на средба за да се разговара за проблемот со Бугарија, но инаку, како што рече, не смета дека е вистинско време.