Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска ги критикуваше премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче бидејќи летале со хеликоптер од Скопје до Прилеп и трошеле пари.
Летањето со хеликоптер, велат од партијата, е скапо и чини стотици вакцини.
„Денес во Прилеп пристигна Зоран Заев, ни помалку ни повеќе, со хеликоптер. Во Прилеп имаме до денес 333 наши сограѓани починати и повеќе од 7 100 заболени од ковид-19. За ниту еден од нив не полета хеликоптер, но затоа хеликоптер се крена за Заев и Филипче. Денеска Заев заедно со Венко Филипче леташе од Скопје до Прилеп со хеликоптер на државна сметка. Ова е невиден скандал и срам. Тие возат мотори и кога умираат по 30-тина луѓе на ден, министри шетаа во Дубаи и Мексико кога тука луѓето се борат за живот, а сега летаат со хеликоптер на државна сметка. Едно леташе со хеликоптер чини колку стотици вакцини и други потребни медицински материјали, но Заев и Филипче наместо за борба против ковид-19, пари трошат за летање со хеликоптер“,
рече на прес-конференција Петар Ристески од ВМРО-ДПМНЕ.
Премиерот Заев, како што претходно најавија од Владата, денеска е во регионот на Прилеп и Битола, каде што заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, присуствуваат на официјално пуштање во употреба на новиот 400/110 киловатен трансформатор во трансформаторската станица „Битола 2“.
Заедно со Филипче, пак, премиерот е во работна посета на Прилеп каде ја посетија градската општа болница „Борка Талески“.
Во Прилеп е и министерката за труд и социјална работа Јагода Шахпаска, со која Заев и градоначалникот на овој град, Илија Јовановски, го означија стартот на работите на нова градинка во населбата „Точила“, како прв ваков објект после 40 години.