Според Манасиевски, судиите и обвинителите не се бирале по закон и интегритет, туку по послушност

Во времето на Зоран Заев и СДСМ, Македонија беше држава на еден човек, обвини денеска на прес-конференција Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ. Тој рече дека поранешниот премиер Зоран Заев бил и обвинител и судија и главен кадија.
„Одлучуваше кој ќе биде гонет и кој ќе седи на судиската клупа“,
рече Манасиевски.
Според Манасиевски, судиите и обвинителите не се бирале по закон и интегритет, туку по послушност.
„Доколку ги следевте насоките на Зоран Заев, останувавте на функција. Доколку покажевте непослушност, веќе следниот ден бевте разрешени“,
додаде тој.
Манасиевски обвини и дека членови на ВМРО-ДПМНЕ биле предмет на политички прогон и оти притисок трпеле и нивните семејства.
„Судските случаи се кроеја по политичка мерка. Наместо правда, имавме политички пресметки, а наместо владеење на право, имавме владеење на страв. Тоа не беше борба за правда, туку демонстрација на сила“,
кажа тој.
Манасиевски говореше и за случајот со „мерцедесот“ и Гордана Јанкулоска и потсети на изјава од поранешниот врховен судија Катевеновски кој јавно посочил дека таа немала никакво сторено кривично дело.
„Кога предметот стигнал до него, на рочиште зад затворени врати јасно кажал дека нема да даде позитивно мислење за притвор и дека одлуката ќе ја координира заедно со неговите колеги. Но, разговорот со колегите никогаш не се случил. Утредента, на седница на Судски совет, која била свикана по насока на тогашната власт, судијата Катевеновски бил разрешен. Разрешен бил поради тоа што не постапил по политичка директива“,
рече Манасиевски.
Тој додаде дека денеска „сведоштвата стануваат сè погласни. Индициите и сомнежите за директна поврзаност помеѓу СДС, Заев и одредени одлуки во правосудството не смеат да останат без одговор“.
Манасиевски побара за ова да постапи Јавното обвинителство.
