Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски, на прес-конференција обвини дека партиска функционерка од СДСМ е вработена во АЕК за плата од 55 000 денари, на место соработник за информатички технологии, иако претходно долги години работела како наставник во средното медицинско училиште во Битола.
„Почитувани, сеуште не стивнал скандалот со вработувањето на Бесмира Ејупи во МНР, антимакедонската СДС се уште нема вистински одговори со што Ејупи заслужила да биде дел од МНР и дали тоа не е чекор до нејзино именување за генерален конзул, а сепак не застануваат со скандалите за ухлебување на своите партиски миленици и функционери. Партиската функционерка на антимакедонската СДС, Емилија Костурски е вработува во АЕК за плата од 55.000 денари, на место соработник за информатички технологии, а доаѓа од позиција долгогодишен наставник во средното медицинско училиште во Битола“,
вели Стоилковски.
Тој бара од СДСМ да објаснат по кои критериуми е избрана ново вработената бидејќи на истиот конкурс, конкурирало и лице со завршени информатички студии, но сепак на крајот работното место го добила како што велат 56 годишната наставничка од Битола.
„Антимакедонската СДС мора да објасни дали зад максималниот број на поени за работа во АЕК и петте поени разлика од кандидатот информатичар, пресуден бил фактот што Емилија Костурски е член на ЦО на СДС и заменичка на екс-градоначалничката на Битола“,
кажа Стоилковски.
Воедно тој вели дека на овие скандали треба да им се стави крај и затоа според ВМРО-ДПМНЕ итно се потребни тројни избори, парламентарни, претседателски и Референдум.
„Почитувани, Македонија тоне во кризи и во сиромаштија, а буџетот се користи за вработувања на партиските миленици на ДУИ и антимакедонската СДС. Половина милион граѓани живеат во сиромаштија, со енергетската криза предизвикана од криминал ја доведоа државата во банкрот, ама важно е кадарот на ДУИ и на антимакедонската СДСМ да биде ухлебен. Наместо да се занимаваат за струја, за гас, храна, млеко, наместо да се борат со растечката инфлација, тие го користат буџетот за вдомување на свои миленици во администрација и плата од празниот буџет“,
вели Стоилковски.
