„Три милиони денари или 50 000 евра одвоиле за набавка на кафе преку СОЗР само за нивни потреби на оваа Влада. Па замислете во три милиони денари, во груба пресметка бидејќи тоа одело на тендер, има набавка за околу 400 000 кафиња. Секој работен ден во една година во Владата треба да се пијат над 1 700 кафиња дневно“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„СДСМ и ДУИ како Влада знаеле уште пред четири месеци дека ќе има ваква криза која произлегува како резултат на други дејствија кои што се случуваат во светот“, тврдат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Дополнуваат дека власта сепак ги оставила граѓаните да тонат во сиромаштија, додека таа се луксузира.
„Потрошиле над два милиони евра само на луксуз изминативе неколку месеци откако знаеле дека ќе има криза. Кога велам луксуз мислам на вистински луксуз. Непродуктивни трошења, наместо антикризни мерки. Луксуз наместо штедливост. Расипништво наместо домаќинско трошење и менаџирање на парите“,
вели портпаролот на партијата Димче Арсовски.
Од партијата обвинуваат дека од пред Нова година па досега само за хотелски услуги Владата потрошила речиси 200 000 евра, приближно иста сума Собранието за неколку месеци потрошило за телефонски сметки, а Службата за општи заеднички работи потрошила 50 илади евра за режано свеќе и приблично 40 илјади евра за прибор за јадење.
„Оваа Влада односно Службата за општи заеднички работи врвот го достигнува со набавката за кафе. Три милиони денари одвоиле или 50 000 евра за набавка на кафе преку СОЗР само за нивни потреби на оваа Влада. Па замислете во три милиони денари, во груба пресметка бидејќи тоа одело на тендер, има набавка за околу 400 000 кафиња. 400 000 дози на кафиња набавила оваа Влада. Секој работен ден во една година во Владата треба да се пијат над 1 700 кафиња дневно. И сега јасно ви е зошто оваа Влада ништо не реализира и ништо не работи? Со ваква набавка на кафиња каде што по 1 700 кафиња на ден треба да пијат, веќе е јасно зошто сме тука каде што сме. Наместо да работат, цел ден пијат кафиња“,
вели Арсовски.
Од ВМРО-ДПМНЕ заклучуваат дека Владата предводена од СДСМ и ДУИ е директен виновник за кризата со која се соочуваат граѓаните.