Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги обвинува здравствените власти дека во земјава сè уште не се знае кога и колку вакцини ќе пристигнат во земјава и кога ќе почне вакцинацијата.
За разлика од нас, велат, други земји или стартуваа или ги прават последните подготовки за вакцинација бидејќи знаат прецизен датум кога ќе почне.
„Филипче беше должен уште вчера да знае и да ја извести јавноста од каде и колку дози на вакцини ќе има, секако и кога тие ќе пристигнат. Различните изјави дадени во кус временски период говорат дека Филипче лаже“,
вели Марија Андоновска од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозицијата бараат прецизни одговори дали Македонија ќе добие вакцини преку механизмот Ковакс, колку дози и кога, дали се преговара со „Фајзер“ и „Астра Зенека“ или со некој друг производител и ако се преговара дали е нешто договорено.
Во врска со донациите, велат, Филипче треба да каже кој од соседите ќе донира, колку дози вакцини и кога ќе стигнат тие.