Од партијата прашуваат и дали урбанистичките измени биле носени врз основа на стручни анализи и потребите на граѓаните или, пак, се резултат на договори што носат енормна финансиска корист за Заев и Филипче
Обвинителството да истражи колку поранешниот лидер на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Зоран Заев, и актуелниот Венко Филипче профилирале од промените на Деталните урбанистички планови (ДУП) во Тетово, бараат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Отатму сметаат дека случајот со примената на урбанистичките планови во Тетово отвора сериозни прашања за тоа дали јавниот интерес на граѓаните бил ставен во втор план на сметка на приватни договори и бизнис-интереси на Заев и Филипче.
„СДС, Венко и Заев молчат и избегнуваат да одговорат за промена на ДУП во Тетово. Земал ли Заев четири милиони евра од Дака за промена на ДУП во Тетово за изградба на згради во вредност од 200 милиони евра. Заев менувал Детални урбанистички планови само за да удоволи на проруски бизнисмени како Дака, кој бил подготвен да му даде четири милиони евра за парцелата во ШИК Јелак, која тој ја купува во багателна цена, да прерасне во бетонска џунгла од две илјади станбени единици. Зградите на Дака ќе му донесеа 200 милиони евра, а на Заев би му припаднале четири милиони евра“,
се вели во партиското соопштение.
Според ВМРО-ДПМНЕ, јавноста треба да знае за начинот на кој Заев и СДСМ носеле одлуки што директно влијаат врз урбаниот развој и довербата во институциите.
Во таа насока, од партијата прашуваат и дали урбанистичките измени биле носени врз основа на стручни анализи и потребите на граѓаните или, пак, се резултат на договори што носат енормна финансиска корист за Заев и Филипче.
„Дополнително се поставува прашањето за текот на средствата и нивната евентуална употреба и дали тие пари завршиле во приватни инвестици на Заев и Филипче надвор од државата или биле користени за понатамошно ширење на влијание и бизнис-мрежи“,
додаваат од партијата на власт.
