„Најголемиот број на кандидати ќе ги објавиме до крајот на јули, а за одредени општини ќе зависи и од договорот со партијата ЗНАМ, односно дали ќе се договориме да настапиме заеднички само во една или можеби во две-три или во четири општини. Тоа ќе биде предмет на разговори во следните две недели“, рече пратеникот Антонијо Милошоски
ВМРО-ДПМНЕ вечерва во Штип го одржа Извршниот комитет на кој определи уште осум кандидати за градоначалници во осум општини за претстојните локални избори.
Имињата на кандидатите ги соопшти пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.

ВМРО-ДПМНЕ, како што рече Милошоски, донесе одлука да му го предложи на Централниот комитет следниот список со кандидати за градоначалници:
- Жарко Ристески – Македонски Брод
- Драганчо Саботковски – Могила
- Тони Тоневски – Пробиштип
- Марјан Пеев – Богданци
- Наталија Димитриева – Демир Капија
- Ѓорѓи Крстевски – Росоман
- Стевче Стевановски – Новаци
- Златко Силјановски – Дебарца
Милошоски рече оти сметаат дека овие осум кандидати за градоначалници се одговорни и исполнителни личности, кои својата активност ја докажале не само во рамки на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, туку имаат углед и во самите општини.
„На истите ќе им биде препорачано во следниот период да отворат што поголема комуникација со локалните граѓани во општините за да може да поработат директно на терен за доставување на програмата потребна за локални избори“,
рече тој.
Од страна на партијата, како што додаде ќе им биде одреден и тим којшто ќе им помогне за одредени проекти, кои се од капитално значење.
„Цениме дека со овие осум објавени кандидати за градоначалници и претходните 25, ВМРО-ДПМНЕ со самодоверба чекори кон локалните избори, бидејќи сме единствената партија што во моментов има обзнането имиња на 33 кандидати за градоначалници за кои сметаме дека се на добар пат и да ја добијат довербата на граѓаните“,
рече Милошоски.
На новинарското прашање дали е познато името на кандидатот за градоначалник на главниот град, рече дека разговорите се во тек и дека кон средината на јули би имале одредено решение.
„Се водат одредени сондажи на терен, што би сакале да ги имаме в предвид како размислување на граѓаните за одредени можни кандидати. Но, наскоро и тоа прашање ќе го обзнаниме и ќе го обелодениме кандидатот или кандидатката за градоначалник на Скопје“,
кажа тој.
Според него, партијата има намера што поголем број од кандидатите за градоначалници да ги објави пред Илинден.
„Најголемиот број на кандидати ќе ги објавиме до крајот на јули, а за одредени општини ќе зависи и од договорот со партијата ЗНАМ, односно дали ќе се договориме да настапиме заеднички само во една или можеби во две-три или во четири општини. Тоа ќе биде предмет на разговори во следните две недели“,
вели Милошоски.
На прашањето дали се разговарало за кандидат за градоначалник на Општина Кочани рече дека сега приоритетите се поставени според потребите на семејствата на настраданите и на повредените. Ова прашање, како што додаде, досега не е отворено за оваа општина посебно, но се надева дека во следниот период и за тоа ќе се донесе одлука.
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски е определен за претседател на Републичкиот изборен штаб на партијата за локалните избори.
Тој ќе ги води кампањите на партијата за претстојните локални избори што треба да се одржат на есен.