„По денешната прес-конференција на Венко Филипче увидовме дека човекот живее во некој сопствен универзум, во кој само тој си верува. Нека си поднесе оставка, нека се оттргне криминалот од СДС, со тоа што луѓе како него, Спасовски, Николовски, Бисера, ќе си одат од партијата“, велат од владејачката партија
Откако лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвини дека напаѓачот кој синоќа упадна во редакцијата на порталот „Инфомакс“ е член на ВМРО-ДПМНЕ, владејачката партија отфрли каква било поврзаност со синоќешниот упад, додавајќи дека веднаш го осудила чинот.

Во однос на наводите на Филипче дека синоќешниот упад е почеток на српско сценарио во Македонија, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека тие како партија, но и државата немаат никаква поврзаност со случаите во соседна Србија.
„Ова го докажува моментот дека господинот Филипче забегал со своите ставови. ВМРО-ДПМНЕ е навистина загрижено за здравјето на Венко Филипче. По денешната прес-конференција, увидовме дека човекот живее во некој сопствен универзум, во кој само тој си верува. Му посакуваме побрзо да се смири и да оздрави, лажните размислувања кои ги пласира во јавноста му штетат на здравјето. Нека си поднесе оставка, нека се оттргне криминалот од СДС, со тоа што луѓе како него, Спасовски, Николовски, Бисера, ќе си одат од партијата“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осврнувајќи се на обвинувањата на СДСМ дека со синоќешниот упад во редакцијата на „Инфомакс“ владејачката партија сака да ја дефокусира јавноста од прашањето за мигрантите и да не одговори дали такво нешто е договорено со Велика Британија, од ВМРО-ДПМНЕ велат:
„Премиерот Христијан Мицкоски, преку соопштенија на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференции одговараме дека мигранти во Македонија нема да има. Сепак, господинот Филипче денес пак праша дали ќе има мигранти? Се чудиме дали воопшто стигнува до него нашиот одговор, ама еве пак да му кажеме, мигранти нема да има“.
Владејачката партија вели дека не може да ја потпише резолуцијата на СДСМ за мигрантите бидејќи, како што велат, таа е непостоечка и сè уште не е подготвена, ниту доставена до Собранието.
„Треба да се види што пишува во резолуцијата, можеби ќе пишува изградба на мигрантски камп како во 2018, кога токму Филипче гласал за изградба на ваков камп“,
велат од партијата.
Претходно денеска лидерот на СДСМ, Венко Филипче, остро го осуди синоќешниот напад врз редакцијата на „Инфомакс“ и рече дека според информациите кои ги имаат, напаѓачот е член на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Според Филипче, со синоќешниот напад врз редакцијата на „Инфомакс“ започнало српското сценарио во Македонија, за кое рече дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ го презема по моделот на Србија.
