Министерството за правда вели дека ги очекува амандманите од политичките партии и пратеничките групи за текстот на предлог-закон за јавно обвинителство, а од ВМРО-ДПМНЕ излегоа со изјава дека не знаат за кој предлог-закон зборува министерката за правда, Рената Дескоска.
„Што се однесува до законот за јавно обвинителство, не знам за какво поднесување амандмани зборува министерката, со оглед на тоа што текстот по кој се водеше јавната расправа во Собранието и по кој експертите ги дадоа своите видувања и своите заклучоци, сè уште е драфт-верзија која не е дадена како предлог-текст до Собранието на Република Македонија. Ако зборува за оној предлог-текст што е во собраниска процедура, веќе имаше поднесено амандмани и дел од нив беа прифатени, така што не знам на што се однесува и на кој дел и на кој предлог-текст ставот на министерката Рената Дескоска“,
изјави денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Верзијата за која сега се преговара и за која изминатиов период имаше јавна расправа во Собранието и две средби во проширен состав меѓу Дескоска и пратеничките групи, не е формално предложена во законодавниот дом. Во собраниска процедура е предлог-закон поднесен уште летото, за кој пропаднаа преговорите.
Како што беше објаснувано, целта е да се постигне усогласена верзија на предлог-законот кој сега е на маса, па потоа таа да биде и официјално доставена во Собранието.
Затоа, вчера беше договорено партиите да ги достават забелешките во форма на амандмани до Министерството за правда и потоа да се одржи уште една средба.
Од Министерството велат дека средбата ќе се одржи најверојатно в понеделник, но некои пратеници побарале дополнително време за амандманите.
„Некои пратенички групи веќе доставија амандмани, а некои замолија за дополнително време за да ги формулираат заради обврските кои ги имаат со ,Жан Моне’ дијалогот“,
велат од Министерството за правда.
Додека од портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ доаѓаат изјави дека не знаат за кој предлог-закон зборува министерката Дескоска, лидерот на партијата при посетата во Радовиш денеска рече дека на овој закон треба да се гледа суштински и во него да се внесат забелешките од експертите дадени на дводневната јавна расправа во Собранието.
„Кажаа што мислат фелата, екпсертската јавност, како треба еден реформски закон да изгледа и што не е во согласност со Уставот. Ниту Зоран Заев, ниту Рената Дескоска се секунданти, ниту луѓе што поднесуваат ултиматуми, ниту пак ние сме луѓе што ултиматуми прифаќаат. Така што, сите оние експертски забелешки што можеше да ги слушне министерката Дескоска, господинот Зоран Заев, можат едноставно преку институциите што ги владеат, а тоа е предлагачот, во овој случај Министерството за правда, да ги преточат во амандмани, во содржина на законско решение и истото тоа законско решение да го поднесат во рамките на процедурите на парлмаентот и ние како ВМРО ДПМНЕ ќе ги поддржиме“,
рече Мицкоски.
Ставот на ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, е јасен, гласен и прецизен за ова прашање, а тоа е дека ќе поддржат сè што кажаа експертите.
„Не можеме ние политичарите да бидеме поголеми експерти од експертите, коишто практично го посветиле својот живот на оваа проблематика. Тие имаа јасни и недвосмислени ставови“,
додаде лидерот на опозициската партија.
Повеќе детали за вчерашната средба и за различните толкувања на власта и опозицијата прочитајте ТУКА.