Кога нема пари и функции, Османи и Ахмети, почнуваат да се кријат зад етничкото знаме. Албанците не губат ништо, напротив, добиваат можност конечно да живеат во држава каде што владее ред, правда и закон, каде што ќе се вреднува трудот, а не партиската книшка, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ
Стара и потрошена матрица на Ахмети, Османи и нивните луѓе – секогаш кога им се сече гранката на криминалот и корупцијата, кога нема тендери и рекет, наеднаш тие стануваат „заштитници на Албанците“ и „бранители на меѓуетничките односи“, велат од ВМРО-ДПМНЕ по објавата на потпретседателот на ДУИ и кандидат за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи.
„Кога ДУИ не може да краде и кога конечно мора да одговара за криминалот, тогаш започнува врескањето – ’нема правда за сите’, ’загрозени се меѓуетничките односи’, ’Албанците се на удар’. Во превод: кога нема пари и функции, тогаш почнуваат да се кријат зад етничкото знаме“,
се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека ДУИ се обидува да дефокусира и да избегне одговорност за криминалот кој, како што велат, го направиле изминатите дваесет години.
„Граѓаните – Македонци и Албанци, одамна ја препознаа оваа игра. Албанците не се загрозени, загрозени се само милионските шеми и криминалните комбинации на ДУИ. Албанците не губат ништо, напротив, добиваат можност конечно да живеат во држава каде што владее ред, правда и закон, каде што ќе се вреднува трудот, а не партиската книшка. ДУИ денес се плаши дека е најден лек против нивното метастазирање во системот. Лекот е најден и сега следува терапијата. Времето на двојни стандарди заврши“,
посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
ДУИ мора да се соочи со одговорност, да се реформира и да покаже дека се променила, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Албанците не се ваш штит кој ќе ве спаси од одговорност. Албанците не се ваше алиби за криминал. Албанците не се изговор за вашите тендери, провизии и лични богатства. Албанците заслужуваат правда исто како и Македонците и секој друг граѓанин на оваа држава. Сè што им останува на ДУИ денес е пактот со Заев и Филипче, кои ги држат во шах со нешто скриено во некоја фиока и мислат дека така ќе се вратат во игра. Но ќе се уверат дека нема да им успее“,
додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во денешната објава на Фејсбук, Османи обвини дека Владата предводена од Мицкоски, во полн интензитет продолжува да ја спроведува политиката која треба да ги отстрани Албанците од општествените текови, враќајќи ги на нивните периферни позиции од пред Рамковниот договор.
„Оттука не треба да се биде наивен и да се прифати објаснувањето дека министерот на ЗНАМ наивно ја поставува улогата и на Бадентеровиот механизам како пречка замислете, „за напредокот на земјава“. Овие механизми (Бадентер, Балансер, јазична застапеност итн.,) претставуваат механизми за заштита од мајоризација, и токму тие се најголемата пречка за спроведувањето на крајната радикална националистичката политика на Мицкоски, ВМРО и ЗНАМ кон Албанците. Оваа политика на отстранувањето на механизмите кои ја ограничуваат неговата авторитарна позиција одат рака под рака со неговиот анти-европски наратив,“
напиша Османи.