ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со предложената мерка за целосен полициски час за време на продолжениот викенд, соопштија од партијата.
Според нив, нелогично е да се најавува дека рестораните ќе работат од вторник, а да е задолжително седење дома за време на целиот продолжен викенд.
„Со други зборови, недела и понеделник за Владата на СДСМ е опасно, а вторникот не е. Според кои критериуми е донесена ваква препорака? ВМРО-ДПМНЕ сметаше дека е престрога мерката и за целосен полициски час за празникот Велигден, и сега кога е празникот Бајрам. На овој начин се нарушуваат човековите слободи и права“, велат од партијата.
Тие го обвинуваат СДСМ дека со вакви мерки си игра со чувствата на граѓаните, провоцира тензии меѓу населението и ја става полицијата во непосакувана улога.
За разлика од ова соопштение, пак, во останатите опозицијата постојано го обвинува СДСМ дека ги става граѓаните во ризик бидејќи инсистира на избори, а ситуацијата со коронавирусот не е смирена.
Вчера министерот за здравство Венко Филипче рече дека Комисијата за заразни болести ѝ предлага на Владата карантинот за време на продолжениот викенд да трае од 19 часот в сабота до 5 часот во вторник. Одлука од Владата сè уште нема.
За полицискиот час реагираа и од Исламската верска заедница (ИВЗ) од каде што вчера објавија дека на 18 мај ѝ испратиле писмо на Владата во која се наведува дека се против зголемување на полицискиот час и оти нема да ги откажат молитвите за Рамазан бајрам.
