Порастот на реалната плата во време на ВМРО-ДПМНЕ е 6,7 отсто за разлика од 3,5 отсто во време на СДСМ, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Реалната просечна плата порасна двојно повеќе споредено со времето кога СДСM беше на власт, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ, на објавата на лидерот на СДСМ Венко Филипче за пад на животниот стандард. Од владејачката партија посочуваат дека статитстиката потврдува оти порастот на реалната плата во време на ВМРО-ДПМНЕ изнесува 6,7 отсто, за разлика, од како што велат, 3,5 отсто во времето на СДСМ. Тоа, според ВМРО-ДПМНЕ значи дека стандардот на граѓаните сега е поголем од времето кога СДСМ беше власт.
„Венко Филипче одамна изгубил чувство за реалноста, очигледно некаде по првиот тендер како министер за здравство, но сега, откако беше на јахтата на Заев и тоа малку што го имал го нема. Народот денес е побогат од времето на СДС. Единствена разлика е што нема милиони за него и Заев од државниот буџет. Бројките се секогаш тврдоглави, а тие го говорат следното: растот на просечната нето-плата во период од последната година кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт е 10.3%, за разлика од периодот кога СДС беше на власт, кога просечната плата порасна за 8.3%“,
порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во однос на инфлацијата, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека и таму бројките се лоши за СДСМ.
„Имено во време на СДС инфлацијата во просек изнесувала 4.8%, за разлика од сега, кога во просек е 3.6%. СДС и Филипче може да лажат колку сакаат, но едно не можат да сменат, а тоа е реалноста“,
додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно Филипче обвини дека ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски свесно ги оставаат граѓаните во сиромаштија, дека инфлацијата руши рекорди, платите стагнираат, а животниот стандард опаѓа. Тој, меѓу другото, нагласи и дека сегашната власт го прекинала системот на континуирано зголемување на платите што го воведе СДСМ, оставајќи ги граѓаните, како што рече, на работ на преживување.