Ваквата најава на владејачката ВМРО-ДПМНЕ следува по обвинувањата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во која ги посочи премиерот Христијан Мицкоски и неговата влада како директно одговорни за состојбата во судството и неспроведување на реформите
Ако до Нова година не се преземат чекори за борба против корупцијата за очигледни примери на криминал, ќе тргнеме во одлучна акција за промени од корен во правосудството. Вака реагираат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ на изјавата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во која ги посочи премиерот Христијан Мицкоски и неговата влада како директно одговорни за состојбата во судството и неспроведување на реформите.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвинија дека директни виновници за состојбата со правосудството се, како што велат, кланот Заеви и кланот Ахмети, кои раководат со македонското судство и обвинителство. Додаваат дека тоа е причината поради која пријавите за криминал на луѓе од СДСМ и ДУИ завршуваат без епилог.
„Но, имаме една порака. Ако до Нова година не се смени ова и нема чекори за борба против корупцијата за еклатантни примери на криминал на разни политичко-мафијашки групации во земјава, ние ќе објавиме и тргнеме во одлучна акција и чекори кои тоа ќе го променат од корен. Укажувавме, повикувавме, апелиравме, молевме, но безуспешно. Народот е разочаран. Апатијата се зголемува. Довербата во правна држава ја нема. Надежта се губи“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
На крајот од соопштението, владејачката партија навестува оти доаѓаат тешки времиња за, како што велат, корумпираните судии, обвинители и политичари и бандити.
Претходно денеска лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвини дека владата на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Мицкоски е директно одговорна за состојбата во судството и неспроведувањето на потребните реформи.