Претходниот викенд додека протестираше Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, министерот Филипче во изјава за медиумите им порача дека со организирање протести и собири во време на нов бран на епидемијата, се однесуваат непримерно и го омаловажуваат трудот на здравствените работници
Под мотото „Здравје, а не провизии“, опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави нов протест пред Министерството за здравство, кој треба да се одржи во сабота во организација на Градскиот комитет на партијата.
Ова ќе биде втор сличен протест откако минатата сабота сабота, протестираше Унијата на жени.
„3 500 починати поради корона. Провизии за вакцини преку фантом фирми, а вакцини нема. Сведоштва за тоа дека пациенти умираат, а кислород нема. Болниците не можат да одговорат за потребите на сите пациенти, докторите го даваат максимумот, но министерот не. Денес починаа 25 луѓе. Овие животи можеа да бидат спасени, доколку министерот за здравство Филипче обезбедеше вакцини. Имаме полициски час кој е воведен како алиби дека се прави нешто, но резултати нема. Главниот проблем е што немаме систем, а имаме скандали. Системот не функционира затоа што Министерството за здравство има помешани приоритети“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Тие повторно ќе побараат оставка од министерот Венко Филипче кого го посочуваат како одговорен за нефункционирање на здравствениот систем.
Минатата сабота, Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ протестот го организираше под мотото „Здравјето не е статистика, жените против неправдите“ и на него опозицијата обвинуваше за лошо справување со пандемијата и третманот на трудниците, како што беше случајот со родилката чии органи беа извадени.
Министерот Филипче, пак, во изјава за медиумите им порача дека со организирање протести и собири во време на нов бран на епидемијата, се однесуваат непримерно и го омаловажуваат трудот на здравствените работници.
„Го гледаме однесувањето на опозицијата, едно непримерно однесување кое е за голема осуда. Собрани, протестираат, викаат со транспаренти во моменти кога се соочуваме со најголемата криза во историјата на човештвото, во нашата земја, посебно во делот на здравство тие го омаловажуваат и се потсмеваат со трудот на здравствените работници кои деноноќно работат. Овој начин на однесување којшто е срамен – блокади на сето тоа што го правиме во изминатиот период за жал морам да констатирам продолжува и сега“,
рече Филипче.
