Пратеничката Бети Стаменкоска-Трајкоска од ВМРО-ДПМНЕ денеска изјави дека партијата е против воведување на прогресивен данок и смета дека треба да се задржи моменталниот концепт на рамно оданочување. Кога ВМРО-ДПМНЕ ќе ја преземе власта, пак, вели пратеничката, тогаш данокот ќе се намали до ниво од осум отсто
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата најави дека ќе предложи закон со кој ќе побара одложување на примената за прогресивен данок на личен доход за уште една година.
Пратеничката Бети Стаменкоска-Трајкоска од ВМРО-ДПМНЕ денеска изјави дека партијата е против воведување на прогресивен данок и смета дека треба да се задржи моменталниот концепт на рамно оданочување. Кога ВМРО-ДПМНЕ ќе ја преземе власта, пак, вели пратеничката, тогаш данокот ќе се намали до ниво од осум отсто.
„Сметаме дека е неопходно одложување за уште една година на прогресивното оданочување поради неподготвеност на институциите, но пред се поради тоа што граѓаните треба преку парламентарни избори да одлучат дали се за повисоки давачки и зголемено прикривање даноци т.е. даночна евазија или се за постепено намалување на давачки и рационализација на јавните трошења“,
изјави денеска пратеничката Стаменкоска Трајкоска.
Стаменкоска-Трајкоска вели дека со предлог-законот што ќе го достават, нема да се зголеми за 50 проценти данокот по основ на личен доход од кирии, капитални добивки, права на индустриска сопственост, ниту, пак, ќе се применува прогресивна стапка за 80 проценти поголема од основната за доходот по основ на работа, самостојна дејност, авторски и сродни права и продажба на сопствени земјоделски производи.
„Една од најголемите придобивки од овој предлог-закон е превенирање од иселување на вработените во ИТ-секторот кои во најголема мера се млади луѓе“,
вели таа.
Пратеничката истакна оти власта не го исполнила ветувањето дека во периодот на мирување од три години на пригресивното оданочување ќе подготви нов модел.
„Периодот на мирување на прогресивното оданочување кој го бараше Владата на ДУИ и СДСМ беше три години, а во тој период ветија дека ќе изработат и нов модел кој ќе ги исправи грешките од реформата од 2018 година т.е. ќе обезбеди ефективно и ефикасно оданочување, а паралелно ќе работат на зголемување на даночниот морал кај граѓаните, зајакнување на довербата во институциите, зајакнување на механизмите за елиминирање на сивата економија и да се намали даночната евазија. Ништо од ветувањата не е реализирано, а да биде уште пофрапантно, министерот за финансии Фатмир Бесими иако презентираше Буџет за 2023 година, се уште не знае каква даночна реформа не очекува за помалку од два месеци од денес“,
рече Стаменкоска Трајкоска.
Министерот за финансии Фатмир Бесими неодамна во интервју за ТВ Телма кажа дека наскоро ќе биде соопштено и конечното решение во однос на почнатиот процес на даночна реформа.
Прогресивниот данок на личен доход стапува на сила на први јануари, а министерот посочи дека во текот на спроведените јавни расправи сакале да ги слушнат мислењата и предлозите на стопанството и експертите.
Според Бесими, конечниот предлог на владата за овие мерки е прашање на недели.