Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ побара власта да ги повлече предлог-законите и да ги пушти во редовна процедура, а апелираше и до претставниците на ЕУ и до другите дипломатски претставништва да се вклучат и будно да ги следат процесите во кои, според опозицијата, се злоупотребува европското знаменце
Координаторот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, најави дека со колегите пратеници од партијата ќе го блокираат Собранието доколку власта не повлече 12 закони за кои, како што обвинува тој, се злоупотребува европското знаменце за да се донесат без дебата и на шверцерски начин.
„Доколку СДСМ, Заев и владејачкото мнозинство не го сторат тоа и не се повлечат од оваа налудничава идеја, јавно од оваа говорница им порачуваме дека ќе го блокираме Собранието на Република Македонија и носењето на секаков вид закони. Нема да дозволиме материјалните, финансиските, теснопартиските и коалициските интереси да бидат на прво место, пред интересите на сите граѓани на Република Македонија. Нема да дозволиме поради неспособноста и криминалот на власта и Зоран Заев, повторно ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата да бидат виновни. Единствени виновници се токму тие и никој друг“,
изјави Мицевски на денешната прес-конференција.
Мицевски обвини дека власта сака да ја оневозможи опозицијата во Собранието да даде издржани и аргументирани забелешки, по што наброја неколку, за нив, контроверзни закони.
„Меѓу законите кои владејачкото мнозинство планира да ги протне е и предлог-законот за контрола на опојни дроги попознато во јавноста како закон за марихуана. Колку за информација, овој предлог-закон, власта предводена од Заев, упорно се обидува да го протне во Собранието со една и единствена цел, а тоа е интересот на фамилијата Заеви, познати во бизнисот со производство и доделување на лиценци за одгледување на марихуана. Уште еден закон кој е со европско знаменце е обемниот Закон за парнична постапка којшто има повеќе од 500 членови. За да ви биде појасно, проблемот во постапката со овој Закон е тоа што усогласувањето со правото на ЕУ се однесува на само неколку членови од вкупно 500. Ова е класична злоупотреба на европското знаменце и демонстрирање на самоволие од страна на власта“,
вели Мицевски.
Тој додаде дека меѓу законите е и тој за Академијата на судии и јавни обвинители со кој власта сака да го манипулира системот за избор. Овој закон, тврди Мицевски, пред десетина дена бил поднесен во редовна процедура, па повлечен, за сега преку ноќ повторно да се најде во Собранието со европско знаменце.
Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ побара власта да ги повлече предлог-законите и да ги пушти во редовна процедура и апелираше и до претставниците на ЕУ и до другите дипломатски претставништва да се вклучат и будно да ги следат процесите.