Пратеници и поддржувачи на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и овој викенд на протест пред Министерството за здравство побараа оставка од министерот Венко Филипче. Негрижата на здравствените власти за пациентите и неуспешното справување со пандемијата, довеле до црни статистики и огромни бројки на починати и заразени со ковид 19, обвинија говорниците пред министерството.

„Имаме 145.909 причини да побараме оставка од овој кој што ни го води здравството во државата. Се наоѓаме овдека бидејќи имаме 4.388 причини да побараме оставка и одговорност и од него и од оној кој што му е шеф. Имаме 20.082 активни причини со кои што го повикуваме да се засрами и тој и неговиот премиер кои што се возат едниот напред, другиот позади на овие БМВ ексклузивни мотори по 30.000 евра, додека народот не знае од што повеќе е погоден, дали од епидемијата или од немаштијата, а тие си тераат забава“
изјави Љупчо Пренџов, пратеник од ГРОМ.

Говорниците на протестот обвинија и дека земјава е на дното по вакцинирани граѓани, а прашаа и зошто власта немаше волја и чекаше до сега за да се намали цената на чинење на здравствените услуги во приватните болници.

„Власта постојано има оправдувања и дежурни виновници па се правдаат дека имало голем број заразени и во соседните земји и таму за жал некој ја губел битката со вирусот. Но, едно забораваат во развиените земји процентот на вакцинирани е голем и таму крајот на пандемијата се гледа. Ја потсетуваме денеска власта дека сме на 118 место од 122 држави по број на вакцинирани, на листата сме заедно со Египет, Уганда, Екваторијална Гвинеа и други. Не можаме да кажуваме цифри на заразени веќе затоа што од ден на ден се менуваат со голема бројка, народот веќе не може да го издржи притисокот од црната Ковид статистика, а истата е депримирачка“
изјави Јадранка Поцкова, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.

„Наместо да се развозувате со премиерот и свитата на вашите скапи мотори, да отворате и затворате хотели на една ноќ, додека обичниот народ не може да преживее од први до први, доблесно е барем еднаш да го повлечете вистинскиот потег. Денес, пред да тргнете на викенд со омилениот ви премиер, извадете ја кацигата, погледнете ја реалноста и поднесете оставка“
порача актерот Роберт Вељаноски, член на комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ.
