Опозицијата поднесе барање до претседателот на парламентот за итно свикување седница на Комисијата за избори и именувања
Комисиската седница чие продолжување бара сега ВМРО-ДПМНЕ почна во јуни минатата година, кога во Уставниот суд беа испразнети три од вкупно девет места, а од почетокот на годинава се празни четири позиции, така што Судот функционира на раб на кворум
Барање за итно свикување седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, поднесоа до спикерот Талат Џафери опозициските партии во парламентот. Тие бараат да продолжи 13. седница на оваа Комисија, која почна пред повеќе месеци, а на нејзиниот дневен ред е точката за утврдување предлог за уставни судии.
Барањето е потпишано од седум од вкупно 13 члена на оваа собраниска комисија, каде што, практично, опозицијата има мнозинство по заминувањето на Беса во опозиција.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, посочи денеска дека, затоа што Комисијата нема претседател откако Костадин Костадинов од СДСМ беше избран за градоначалник на Струмица, нејзината работа е закочена. Работата на Комисијата треба да се откочи, сметаат пратениците, и за да може да се изберат нови уставни судии.
„Врз основа на член 120 став 2 од Деловникот за работа на Собранието, бараме да се закаже второто продолжение на 13. седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата. Ова барање го поднесуваме со потписи на седум од вкупно 13 членови на Комисијата за прашања на изборите и именувањата“,
изјави Мицевски.
Тој додаде дека со оглед на тоа што владејачкото мнозинство постојано ја обвинува опозицијата за блокада на работата на Собранието, а, како што рече, од друга страна повеќе месеци не назначува нов претседател на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, пратениците ја презеле оваа иницијатива, со цел откочување и продолжување со работа на ова собраниско тело.
„Ова е шансата на власта да покаже дали има искрена намера за откочување на работата на оваа Комисија или само напразно ја обвинува опозицијата. Како одговорни пратеници, водејќи се од итноста, потребата и барањето од Уставниот суд, ние предлагаме да се свика седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата веднаш, и уште во текот на утрешниот ден, да се одржи седницата и да се изберат уставните судии“,
рече Мицевски.
Тој додаде дека нивна цел е ефикасност и подобрување на правосудниот систем во целост, и, како што нагласи, токму затоа бараат и ги повикуваат колегите пратеници од мнозинството да го поддржат ова барање и час поскоро да се одржи седницата и конечно по повеќемесечно чекање да се изберат уставните судии.
Џафери неодамна и објаснуваше на претседателката на Уставен суд Добрила Кацарска, кој од него побара интервенција за комплетирање на бројот на судии, дека, поради опструкции, Собранието моментно не е во можност да избере уставни судии.
Според собранискиот Деловник, во случај кога претседателот на одредена комисија не е во можност или не свикува седница на работното тело, тоа може да го направи претседателот на парламентот, така што ќе овласти некој од пратениците да ја води комисиската расправа. Заменик-претседател на Комисијата за избори и именувања е координаторот на ПГ на СДСМ, Јован Митревски.