Оттаму бараат Јавното обвинителство да отвори постапка за овој случај и да го истражи
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска соопшти дека компанијата „Тргопродукт“, препознатлива под брендот „Мамас“, а во сопственост на семејството на експремиерот Зоран Заев, во 2022 година добила грант вреден 1,4 милиони евра од ИПАРД-програмата.
Во тој момент, како што велат од партијата, добиениот грант бил втор најголем во историјата откако се работи со ИПАРД-програмата, со вредност од близу 87 милиони денари или 1,4 милиони евра.

Овој грант, според владејачката партија, е добиен откако поранешниот премиер Зоран Заев му помогнал на ексминистерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски со отпишување на жито за 800 000 евра. Веќе следната година, Николовски возвраќа со грант за „Мамас“ од 1,4 милиони евра од ИПАРД-програмата.
„По камуфлирањето на кусокот на 2 000 тони жито вреден 800 000 евра на владина седница од страна на Заев и Филипче, Љупчо Николовски веќе следната година му возвраќа за услугата на кланот Заеви со грант од 1,4 милиони евра. Какви криминални шеми имаат издејствувано Заев, Филипче и Николовски за своето владеење и колку народни пари се злоупотребени“,
прашуваат од владејачката партија.
Дополнително, од партијата прашуваат и дали Николовски како тогашен министер интервенирал и им ја возвратил услугата на кланот Заеви за добивање неповратен грант од ИПАРД-програмата вреден 1,4 милиони евра.
„Дали ова е меѓусебен дил на Заев и Николовски и колку вакви злоупотреби со тендери и грантови постојат во нивната коруптивна шема?“,
се вели во денешното соопштение од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ бараат Јавното обвинителство да отвори постапка за овој случај и да го истражи.
Според партијата, сè додека СДСМ не се ослободи од компромитираните кадри како Николовски и Филипче, не може да биде конструктивна опозиција.
