Во изјавата на која реагира опозицијата, министерот за правда рече дека за да дојде до предвремено завршување на мандатот на членовите на Судскиот совет треба да се направат законски измени, а за тоа ќе се бара консензус од сите партии во Собранието, вклучително и ВМРО-ДПМНЕ
Изјавата на Кренар Лога е доказ дека правосудството е клинички мртво, а дека власта треба навреме да ги слуша апелите на ВМРО-ДПМНЕ, зашто состојбата во која е судството денес е целосно нивна вина.
Вака опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја коментира изјавата на министерот за правда Кренар Лога во која тој, по контроверзните случувања во Судскиот совет, најави дека може да дојде до целосно распуштање на ова тело.
„Лога призна дека го упропастија судството, сега е време целата Влада да си даде оставка. Не е само да се преземаат чекори, туку треба да се преземе одговорност од страна на власта, за живиот песок во кој го втурнаа правосудниот систем. Власта треба да преземе одговорност за целосната партизација која ја направија во правосудниот систем“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Кога ние реагиравме дека на чело на Судскиот совет се поставуваат личности активисти и функционери на СДСМ, велат од опозициската партија, власта игнорираше затоа што можеби требаше тие да им ја спроведат агендата за партизација.
„Сега кога и нашите меѓународни партнери реагираат, власта се однесува како да е затечена. СДС и ДУИ се власт шест години во Македонија, шест години вршат целосна партизација во судството и обвинителството“,
додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во изјавата на која реагира опозицијата, министерот за правда рече дека за да дојде до предвремено завршување на мандатот на членовите на Судскиот совет треба да се направат законски измени, а за тоа ќе се бара консензус од сите партии во Собранието, вклучително и ВМРО-ДПМНЕ.
„Ако има вакви законски измени, тоа ќе биде со консензус во Собранието со сите политички партии. Затоа, ова е една од опциите коишто може ние да ги имаме како решение“,
рече министерот.