Во опозициската партија пресметале дека 200 000 евра легнале на сметките на четворица функционери на СДСМ за само нешто повеќе од две години
Луксузот кој го живеат функционерите на СДСМ со парите на граѓаните е на највисоко ниво и тие се попривилигирани од обичниот народ и граѓанин во државата, оцени, на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.
Тој издвои неколку имиња на државни функционери од СДСМ, кои ги посочи како пример за високи примања, додека, како што рече,многумина граѓани живеат со минимална плата за време на ковид-епидемијата.
„Сакаме да прашаме дали Томислав Тунтев, како директор на Агенцијата за цивилно воздухопловство зема месечна нето плата од 3.000 евра или 180.000 денари, односно бруто плата од 270.000 денари секој месец? Во овој случај, кадарот на СДСМ за 20 месеци, доколку ја зема оваа плата откако е назначен, има инкасирано околу 60.000 евра нето плата, пари од граѓаните. Ова се околу 8 до 9 нето просечни плати во Македонија, што ги земаат граѓаните, а тука не ги вбројуваме трошоците за службени возила, репрезентации и бонуси“,
рече Арсовски.
Потоа, тој го спомна и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, за кој посочи дека им ја поскапил струјата на граѓаните.
„Дали Марко Бислимоски зема нето плата секој месец од над 2.000 евра, поточно околу 2 150 евра секој месец или 130.000 денари, односно бруто плата околу 200.000 денари? Човекот што им покачува струја на граѓаните и вели дека покачувањето не е ништо, за нешто повеќе од две години заработил чисти 55.000 евра“,
оцени Арсовски.

Тој зборуваше на актуелната директорка во МЕПСО и на нејзиниот претходник на функцијата.
„Дали е точно дека платата на првиот директор Сашо Василевски од СДСМ, а потоа и на неговиот наследник,Ева Шуклева, актуелната директорка во МЕПСО, изнесува над 110.000 денари нето секој месец? Во овој случај, во своето директорување Сашо Василевски заработил за околу 2 години над 43.000 евра нето плата, а Шуклева, за 14 месеци има над 26.000 евра нето примања. Или вкупно двајцата, за нешто повеќе од две годин, потрошиле околу 70.000 евра народни пари за нивни лични плати на ова позиција“,
нагласи Арсовски, посочувајќи дека тоа е апсурд во владеењето на СДСМ.
Според неговите калкулации, 200 000 евра легнале на сметките на четворица функционери на СДСМ за само нешто повеќе од две години.
