Реакцијата на опозициската партија следува откако денеска С Македонија и Србија потпишаа Меморандум за соработка за воспоставување железничка мрежа со високи перформанси, како дел од железничкиот Коридор 10
Ковачевски да се врати дома и да не ја срами државата бидејќи, додека потпишува меморандуми за брза пруга, во Македонија нема ниеден функционален воз. Ова го порача опозициската ВМРО-ДПМНЕ откако владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски денеска во Белград потпиша Меморандум за соработка со Србија за воспоставување на железничка мрежа со високи перформанси, како дел од железничкиот Коридор 10.

„Се моли Димитар Ковачевски да се врати во Македонија за да не ја брука државата на отворена сцена – едно со своите испади на винскиот саем во Србија, второ со своите изјави и постапки. Ковачевски потпишува меморандуми за брза пруга, а дома нема еден функционален воз кој сообраќа во Македонија. Не може Ковачевски да зборува за непринципиелности од страна на Бугарија, бидејќи кога сите тоа му го говорат во Македонија тој ги обвинува за антиевропско однесување“,
велат од партијата во писменото соопштение.
Реакцијата на опозицијата следува откако денеска С Македонија и Србија потпишаа Меморандум за соработка за воспоставување железничка мрежа со високи перформанси, како дел од железничкиот Коридор 10.
Меморандумот за соработка, како што посочи Ковачевски, се однесува на железничката линија која треба да ги поврзе Атина-Солун-Скопје-Ниш-Белград-Загреб-Љубљана-Салцбург, со крак кон Будимпешта. Инаку, конкретно предмет на Меморандумот е делницата Скопје-Ниш-Белград со крак кој во Скопје ќе се поврзе со Меѓународниот аеродром.