Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја оцени како траорна атмосферата во СДСМ, каде денеска на внатрепартиски избори за нов лидер на партијaта беше избран Димитар Ковачевски. ВМРО-ДПМНЕ смета дека ниту членството на СДСМ не е задоволно што партијата за претседател добила, како што велат, пиун на Зоран Заев.
„Ковачевски е пиун на Зоран Заев преку кој ќе продолжи да опстојува Заевизмот. Тоа се исти луѓе со исти вредности. Ковачевски како преку индиго ги употребува истите зборови, истите флоскули и празни ветувања на губитникот Зоран Заев. Заевизмот ќе биде поразен на избори“,
пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Ковачевски е нов претседател на владејачкиот СДСМ, откако освои убедливо мнозинство гласови на денешните внатрепартиски избори. Од вкупно 44 406 членови што излегле на гласање, за Ковачевски заокружиле 37 649. За разлика од него, Фросина Ременски, која е поранешна потпретседателка на партијата, освои 2 836, а за Јован Деспотовски, актуелниот в.д директор на Дирекцијата ТИРЗ, гласале 3 319 сопартијци. Неважечки биле 602 ливчиња.