Опозициската партија очекува веднаш да се направи ребаланс на буџетот и да се зголемат на дотациите за општините од страна на Владата за, како што велат, целосно да се почитуваат правата на сите вработени во образованието, градинките и администрацијата
ВМРО-ДПМНЕ преку амандман ќе бара и другите плати во јавниот сектор да растат согласно растот на минималната плата, најавија од партијата откако синоќа Владата, Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) и Организацијата на работодавци договорија покачување на минималецот на 18 000 денари.
Од опозицијата велат дека сега очекуваат власта веднаш да направи ребаланс на буџетот за да се зголемат парите за општините за да може да се почитуваат правата на сите вработени во јавниот сектор.
„Граѓаните сведочат на расипничко и недомаќинско работење со нивните пари од страна на Владата на СДСМ – ДУИ. ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе амандман на Законот за минимална плата, во кој ќе побара и останатите плати во јавниот сектор да растат согласно растот на минималната плата усогласен со коефициентот на сложеност на работната сила. ВМРО-ДПМНЕ очекува веднаш ребаланс на буџетот и зголемување на дотациите за општините од страна на Владата за целосно почитување на правата на сите вработени во образованието, градинките и администрацијата“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Моментално минималната плата изнесува 15 200 денари, а договореното покачување ќе го зголеми минималецот за 2 800 денари (околу 45 евра) и тој ќе почне да важи од мартовската плата.
Договорот директно опфаќа околу 80 000 граѓани кои земаат минимална плата, а како што рече премиерот Димитар Ковачевски вчера, во најголем дел станува збор за вработени во микро и малите претпријатија, трговијата, преработувачката индустрија и други важни индустрии во земјата. Според договорот, за да може работниците да добијат поголема минимална плата, ќе помага и државата со тоа што ќе ја покрива разликата во придонесите.
„Со договорот работодавците ќе го покријат целокупното нето зголемување на платите за своите вработените кои се на минимална плата. Државата, пак, ќе ја покрие целокупната разлика во делот на придонесите од сегашната минимална плата од 15 200 денари до онаа која ќе се исплаќа за март од 18 000 денари. Станува збор за удел од страна на државата од околу 16 милиони евра до крајот на годината. Ветивме и реализираме мерки кои директно го помагаат животниот стандард. Во исклучително кризна година, година на европски и светски кризи, остануваме фокусирани на финансиска поддршка на граѓаните.“,
рече вчера Ковачевски нагласувајќи дека пари за ова во државната каса има.