Мицкоски вели дека, кога би бил премиер, би положил цвеќе на гробот на револуционерот заедно со Петков, само ако бугарскиот премиер се согласи дека Делчев е Македонец и се борел за своја македонска независна држава
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во текот на утрешниот ден, по повод 150 години од раѓањето на Гоце Делчев, ќе поднесе во Собранието декларација која ќе ги исцрта позициите по прашањето за македонскиот револуционер, најави партискиот лидер Христијан Мицкоски, во вечерашното интервју на Канал 5.
На прашање, кога би бил премиер, дали заедно со Кирили Петков би положил цвеќе на споменикот на Гоце Делчев, Мицкоски рече дека тоа би го направил само ако бугарскиот премиер се согласи дека Делчев се борел за своја македонска независна држава.
„Ако Петков се сложи дека Гоце Делчев е Македонец и се борел за своја македонска независна држава, тогаш немам никаков проблем“,
рече Мицкоски.
Спорд него, Бугарија треба да даде писмени гаранции дека нема да ја блокира Македонија.
„Нивниот Устав не признавал колективни права, туку индивидуални – добро, во ред, еве немаат намера поради нас да го менуваат. Еве фуснотата да ја тргнеме, или некоја од пресудите да се имплементира или барем да се извинат за 7 200 Евреи кои, според нив – како што велат, администратори ги пратија во Треблинка во Втората светска војна. Вили Брант знаете ли како се извини? Има начин како да се извинат“,
рече Мицкоски.
На прашање – ако дојде тоа прашање во Собрание – да се внесат Бугарите во Уставот, како ќе се постави ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски рече дека тие не ги менуваат ставовите по потреба и дека нема да се согласат ако нема реципроцитет, писмени гаранции дека тоа е последното нешто за тргање на ветото и дека во иднина нема да има, како што рече, глупави блокади за повторно да нѐ убедуваат дека сме биле Бугари до 1944 година.