Тој додаде оти не гледа причина зошто ова да не се случи до следните парламентарни избори доколку се направат подготовки на дипломатско-конзуларните претставништва

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржат една изборна единица во која право на глас ќе има и дијаспората, вели премиерот Христијан Мицкоски по најавите дека денеска претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во Собранието, Моника Зајкова, ќе поднесе предлог-закон за воведување една изборна единица и отворени листи.
Мицкоски вели дека ќе треба да го види законот, но оти, принципиелно, го поддржуваат.
„Ако принципиелно зборуваме за една изборна единица, јас го кажав тоа и во парламентот, бидејќи беше поставено пратеничко прашање дека ние со Законот за локална самоуправа ја игнорираме дијаспората итн. Јас, еве, дадов предлог да имаме една изборна единица со можност да гласа и дијаспората онаму каде што законите и Уставот на државите дозволуваат тоа да биде и надвор од дипломатско-конзуларните претставништва. Јас тоа го кажав. Онаму каде што не дозволува во рамки на дипломатско-конзуларните претставништва, се сеќавам беше и тема на партиски дијалог пред неколку години, но за жал не се успеа тогаш да се направи поради тоа што не бевме подготвени“,
рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање пред почетокот на свечената академија по повод 80 години од постоењето на Државниот завод за статистика.
Тој додаде оти не гледа причина зошто ова да не се случи до следните парламентарни избори доколку се направат подготовки на дипломатско-конзуларните претставништва.
„Сега до следните, можеби локални избори, во ред, ќе си завршат сега, но до следните парламентарни избори имаме неколку години, така што еве ако навреме си ја фатиме работата можеме да ги подготвиме и дипломатско-конзуларните претставништва. Не гледам причина зошто тоа да не се случи“,
рече Мицкоски.
Прашан дали за оваа идеја има консензус, премиерот нагласи дека нема политичка дебата за да се бара компромис и консензус.
„Јас не сум отпочнал политичка агенда за да барам консензус на оваа тема, бидејќи како што вашиот колега го постави прашањето тоа е предлог на друга политичка партија. Јас својот став го кажав како одговор на прашање од страна на пратеник и тоа е тоа. Досега не сме седнале да разговараме со никого на оваа тема. Инаку немаме политичка дебата, ниту пак некаква наша политичка агенда да седнеме, да разговараме, да бараме компромис и консензус“,
рече Мицкоски.
Од ЛДП вчера најавија дека ќе поднесат предлог за воведување една изборна единица, во кој ќе бидат вклучени и предлозите доставени за независни листи.
Портпаролот на партијата Љубен Аврамовски рече дека ЛДП дава силна поддршка за воведување една изборна единица, отворени листи, како и вклучување на предлозите од граѓанскиот сектор за независни листи во креирање на новиот Изборен законик. Потсети дека ова не е нова иницијатива за ЛДП, но, за жал, тогаш тие иницијативи не добија поддршка.
„Цврсто веруваме дека оваа промена ќе донесе поголема транспарентност, поголема одговорност на избраните претставници, како и посилна демократија во нашата земја“,
рече Аврамовски.
Од Демократскиот сојуз, пак, во петокот најавија дека во текот на неделава до Парламентот ќе го достави предлог-законот за измена на Изборниот законик, кој пратениците можат да го дополнат и со забелешките на ОБСЕ и ОДИХР.