Мицкоски вели дека станува збор за одлука на претседателот на државата, а не на Владата

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи предлогот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, Трајко Славески да биде нов гувернер на Народната банка. Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски за време на неговата посета на Желино.
„Тоа е одлука на претседателот на државата, не е одлука на Владата. Согласно Устав, претседателката на државата го поднесува тој предлог така што немам што да коментирам. Предлогот ќе ја добие поддршката од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ“,
рече Мицкоски.
Претседателката Сиљановска-Давкова вчера го предложи Славески за нов гувернер, откако претходно разговараше со повеќе кандидати за оваа функција. Од нејзиниот кабинет информираа дека при одлучувањето се воделе од стручноста и компетентноста, како и од дигнитетот и интегритетот на кандидатот, но и од реалната можност за негово именување.
„Би сакале да потенцираме дека изборот беше тежок, со оглед на докажаниот квалитет на сите кандидати“,
посочија од кабинетот на претседателката.
За да биде избран, Славески треба да добие просто мнозинство од 61 глас на пленарна седница во Собранието.
Трајко Славески е универзитетски професор на Економскиот факултет во Скопје и поранешен министер за финансии. Во моментов ја извршува функцијата претседател на Советот на Град Скопје. Тој треба да дојде на местото на гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, која беше прва жена на оваа позиција.