Со апелот институциите со ист аршин да реагираат и за Јон Фрчкоски, владејачката партија се навраќа на наводите што кон крајот на март годинава ги изнесе пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, кој на прес-конференција објави фотографии од младиот Фрчкоски со бела прашкаста материја пред себе, прашувајќи дали станува збор за наркотичната дрога кокаин
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ вели дека нема никаков проблем со тоа институциите да реагираат по скандалот со докторот Игор Кузмановски, кој е нивен кадар, но истовремено апелираат надлежните на ист начин да реагираат и за Јон Фрчкоски од СДСМ, кој, како што велат, додека вршел државна функција, консумирал наркотици.

Соопштението на ВМРО-ДПМНЕ е реакција на денешните повици од опозицискиот Социјалдемократски сојуз и нејзиниот лидер Венко Филипче дека е потребна темелна истрага и анализа за досегашната работа на докторот Кузмановски, кој вчера беше разрешен од позицијата директор на Клиниката за неврологија откако на социјалните мрежи се појави видео во кое тој меша бела прашкаста материја во чинија, зборува за неа со асоцијации за кокаин и разговара со друго лице кое најверојатно го снимало видеото.
Со апелот институциите со ист аршин да реагираат и за Јон Фрчкоски, владејачката партија се навраќа на наводите што кон крајот на март годинава ги изнесе пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, кој на прес-конференција објави фотографии од младиот Фрчкоски со бела прашкаста материја пред себе, прашувајќи дали станува збор за наркотичната дрога кокаин.
Јон Фрчкоски тогаш преку објава на социјалните мрежи информира дека се повлекува од позицијата директор на Центарот за истражување и анализи на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ).
Сепак, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека тој сè уште може да се види на партиските состаноци на СДСМ, како носи одлуки заедно со претседателот на партијата, Венко Филипче.
ВМРО-ДПМНЕ нема никаков проблем со тоа институциите да реагираат за случајот со Игор Кузмановски, кој, да потсетиме, беше експресно разрешен од позицијата директор. Но, ајде заедно со СДС да се согласиме и испратиме апел институциите да реагираат исто и за Јон Фрчкоски од СДС, кој на работно место во државна институција шмркаше кокаин и кој патем не е разрешен од партиските позиции и понатаму седи со Филипче и носи одлуки во СДС“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму додаваат дека тој е член на Извршниот одбор на СДСМ и дека седел на иста маса со Венко Филипче на состанок на кој се одлучувало кој ќе биде кандидат за градоначалник, а кој за советник за претстојните локални избори.
„Венко Филипче гордо седи на маса и носи одлуки за СДС со шмркачот на кокаин Јон Фрчкоски, додека лажно морализира. ВМРО-ДПМНЕ и Владата покажаа непоколебливост во принципите. За разлика од тоа, СДС го води Јон Фрчкоски, кој цела Македонија го виде како на работно место шмрка кокаин“, велат од ВМРО-ДПМНЕ, кои во прилог на соопштението споделија и фотографии од состанокот на ИО на СДСМ од 12 септември.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, побара од Лекарската комора да направи сериозна анализа и проверка на досегашната работа на докторот Игор Кузмановски, а за тоа дали треба да има и кривична одговорност, рече дека единствени одговорни и кои треба да постапат се институциите.
Пред изјавата на Филипче, денеска на прес-конференција се обрати Елена Радеска од Комисијата за здравство на СДСМ, која рече дека случајот со докторот Кузмановски е огромен скандал на власта, и затоа е потребна темелна истрага на целокупната негова работа и да сноси кривична одговорност, оти станува збор за доктор кој се грижи за здравјето на луѓето.
Вчера на социјалните мрежи се појави скандалозно видео во кое се гледа како Кузмановски меша бела прашкаста материја во чинија, зборува за неа со асоцијации за кокаин и разговара со друго лице кое најверојатно го снимало видеото.
Набрзо по разрешувањето, д-р Кузмановски се огласи на социјалните мрежи, каде напиша дека се кае и се извини за постапките.