Уставните измени се влезени во Собрание, уставната комисијата го поддржа предлогот за пристапување кон измени и враќање назад нема. Враќањето назад е пат назад од веќе трасираниот пат кон ЕУ, пат кој последниве 30 години е стратешка определба, на сите, вели Битиќи
ВМРО-ДПМНЕ не ги поддржува уставните измени оти оттаму сметаат дека се носат под бугарски диктат. Бараат предвремени парламентарни избори
Вицепремиерот за економски прашања, кој е и еден од потпретседателите на СДСМ, Фатмир Битиќи, обвинува дека со неприфаќање на уставните измени, ВМРО-ДПМНЕ ја ризикува иднината, под превезот на лагата дека го штити идентитетот.
Тој вели дека идентитетот и јазикот се заштитени, и дека за тоа ги имаме сите потврди.
„Не е време да се молчи, затоа што лагите во моментов се шират гласно. Вистината е – Северна Македонија во Европска Унија! Знае и Мицкоски и цело ВМРО – ДПМНЕ дека нашата земја и сите нејзини граѓани се на патот кон ЕУ и од тој пат назад не треба и нема да има. Тие впрочем не ни нудат друга опција, само прават политички пазар со нашата иднина. Тоа граѓаните го гледаат и на избори верувам дека ќе го казнат. Лична одговорност мора да има, сите треба да знаеме кој ќе гласа за нашата иднина, а кој треба да биде обележан како политички калкулант и кој ги изневерил својот народ и држава“,
пишува Битиќи.
Уставните измени денеска добија зелено светло од матичната собраниска комисија. Сега предлогот ќе оди на пленарна седница, која е закажана за 18 август. Тогаш ќе биде потребно двотретинско мнозинство (најмалку 80 гласа) за да се усвои потребата од носење уставни измени и процедурата да продолжи со следната фаза – подготовка и усвојување на нацрт-амандмани.
„Уставните измени се влезени во Собрание, уставната комисијата го поддржа предлогот за пристапување кон измени и враќање назад нема. Враќањето назад е пат назад од веќе трасираниот пат кон ЕУ, пат кој последниве 30 години е стратешка определба, на сите“,
вели Битиќи.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, е на став дека уставни измени под бугарски диктат нема да има. Оттаму бараат предвремени парламентарни избори.