Соопштението на опозициската партија следува откако партискиот лидер Христијан Мицкоски во интервју за германски „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) го обвини својот претходник Никола Груевски оти е во тајна комуникација со Владата, со цел да се подели ВМРО-ДПМНЕ за да се протуркаат уставните измени
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска преку писмено соопштение ја продолжи „војната“ против поранешниот премиер од редовите на оваа партија, а сега бегалец во Унгарија, Никола Груевски, велејќи дека со усвојувањето на измените во Кривичниот законик власта планира да му вети кривична неказнивост на експремиерот за тој да се врати и да го обезбеди потребното мнозинство во парламентот за усвојување на уставните измени.
„Ова е надежта од каде што власта го влече оптимизмот кога вели дека се можни уставни измени. Јасно е дека ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ нема никаква врска со амнестијата што помина во Собранието. ВМРО-ДПМНЕ ги осудува овие заткулисни игри, кои имаат цел за спас на оние кои направиле криминал, на штета на народот. Уставни измени нема да има“,
наведуваат од опозициската партија во писменото соопштение.
Со измените во КЗ, додаваат оттаму, одредени структури имаат за цел да направат раздор во опозицијата.
Соопштението на ВМРО-ДПМНЕ следува откако партискиот лидер Христијан Мицкоски во интервју за германски „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) го обвини својот претходник Никола Груевски оти е во тајна комуникација со Владата, со цел да се подели ВМРО-ДПМНЕ за да се протуркаат уставните измени.
Според Мицкоски, власта планира да му вети кривична неказнивост на Груевски кој побегна во Унгарија за да избегне затворска казна, а тој, пак, треба да се врати и да помогне уставните измени да поминат во парламентот.
По ваквите наводи, експремиерот Груевски синоќа во објава на Фејсбук го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да изнесе докази со кои ќе ги поткрепи тврдењата што ги изнел во интервјуто за германски ФАЦ.
„…Дали може лично тој јавно да каже со кој мој потег, изјава, натпис или што било јас сум се обидел да ја поделам партијата и да даде доказ дека јас сум прифатил валкана игра со власта која треба да ја спроведам со помош на мои приврзаници во партијата“,
пишува, меѓу останатото, во фејсбук-објавата на Груевски.