Извештајот го нотира и самоволието на претседателот на Собранието Талат Џафери и неодговорноста во Собранието, реагираат од опозициската партија
Европската комисија нотира дека Владата не спроведува доволно реформи, нема отчетност и вистински решенија, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ по објавата на извештајот за напредокот на Македонија кој вчера беше презентиран во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент.
„Според најновиот Извештај на ЕК, во Македонија нема сериозна посветеност на реформите. Се нотираат ад хок решенија наместо системски реформи на законодавството. Имено, ова може да се забележи од дозволувањето на отворање на неофашистички центри во сите градови од Македонија и историскиот ревизионизам. ЕК јасно нотира дека се потребни решителни напори за да се изгради динамика за реформи и придвижување во процесот на преговори со ЕУ. Потребен е особен фокус за да се обезбеди ефективна имплементација на постојното законодавство, наместо да се покренуваат ад хок иницијативи“.
реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Извештајот, додаваат оттаму, го нотира и самоволието на претседателот на Собранието Талат Џафери и неодговорноста во Собранието.
„Имено, ЕК нотира отсуството на отчетност, што јасно се гледа низ повеќемесечното незакажување на седници за пратенички прашања во Собранието. Криење од опозицијата и граѓаните. Извештајот покажува дека власта наместо да работи и да се посвети на реформи, се насочува кон стратешки погрешни цели. И наместо владеење на правото, имаме владеење на самоволието“,
се наведува во реакцијата на најголемата опозициска партија.
Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји вчера пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, зборувајќи за пакетот за проширување на земјите од Западен Балкан, посочи дека Северна Македонија ја покажа својата одлучност да оствари напредок на патот кон ЕУ како кредибилен партнер.
Изминатата година, оцени еврокомесарот, беше многу важна за Северна Македонија бидејќи ги започна пристапните преговори со ЕУ. Извештајот, според неговата презентација, ги поздравува направените реформи, но и ја потенцира важноста тие да продолжат, како и борбата против корупцијата.