Гужвите пред вакциналните пунктови покажаа дека системот потфрлил и дека интерес за имунизација има, но власта не успеа да ги опслужи граѓаните, обвинија од ВМРО-ДПМНЕ и побараа да се обезбедат дополнителни пунктови за вакцинацијата без закажување на термин.
„Неспособноста на Филипче резултира со метеж и хаос пред болниците за вакцинација, нема никакви протоколи. Кога веќе се создава толку хаос, Филипче треба да изнајде начин и да направи повеќе вакцинални пунктови на кои граѓаните ќе може да се вакцинираат без пријавување. Масовната имунизација е клучна за стекнување на што поголем колективен имунитет, затоа Филипче треба да ја направи вакцинацијата достапна до секого“,
порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштението, ВМРО-ДПМНЕ бара итно да се обезбедат и дополнителен број на вакцини против ковид-19.
„Имунизацијата не смее да запре. Филипче да каже и до каде се најавените 800.000 вакцини Фајзер и 200.000 вакцини Спутник В, дали се нарачани како што кажа или и тогаш лажел? Пандемијата не е време за политиканство. Народот очекува посветеност, а не аматеризам како до сега. Време е за Македонија за сите луѓе“,
се вели во партиското соопштение.