Меѓусебни обвинувања меѓу власта и опозицијата предизвика студијата што ја објави Дојче Веле пред два дена, а која за потребите на Европскиот парламент ја изработил Генералниот директорат за надворешна политика на Европската Унија, насловен како „Мапирање на лажните вести и дезинформации на Западниот Балкан и идентификување начини за борба со нив“ . Во неа, меѓудругото, се наведуваат Фејсбук профилите на сегашниот и екс претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христјан Мицкоски и Никола Груевски како извори на дезинформации.
ВМРО-ДПМНЕ денеска го обвини СДСМ дека ги злоупотребува имињата на ЕУ и европските институции и тврдат дека наводната студија на која се повикуваат не е став на ЕУ, туку соросова студија која самата е лажна вест.
„Заев и СДСМ со злоупотребата на наводната студија потврдија дека се фабрика за лажни вести. Наместо фабрика за работа тие се фабрика за криминал и лажни вести. Заев и СДСМ лажеа дека се затворени сите отворени прашања со соседите. Сега гледаме дека лажеле. Заев и СДСМ лажеа дека ќе направат 600 километри автопат за еден мандат. Сега гледаме дека лажеле. Заев и СДСМ велеа дека ќе добиеме датум во март, па во мај, па во октомври, еве го дојде декември… Заев и СДСМ велеа дека платите ќе бидат 30 000 денари…Заев и СДСМ лажеа дека платите на лекарите ќе бидат 100 000 денари… СДСМ и Заев лажат дека не преговараат за идентитетот“,
се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ возвратија дека ваквите реакции од ВМРО-ДПМНЕ покажуваат дека расте паниката во „белиот дворец“ откако партијата и Христијан Мицкоски и меѓународно се препознаени како главен извор на дезинформации и лажни вести.
„Речникот на Груевски со кој денес комуницира ВМРО-ДПМНЕ, хајките, нападите и конструкциите со кои се служат покажува дека партијата предводена од Мицкоски не е мрдната од режимската матрица. За ВМРО-ДПМНЕ Сорос беше виновен кога цел свет известуваше дека Северна Македонија е заробена држава, кога бевме последни по медиумски слободи во Европа. Сорос им беше виновен кога лажеа дека ќе се градат населби за мигранти низ македонските граѓани. Денес, повторно им е виновен Сорос што кредибилна студија ги мапира како главни извори на лажни вести. Тоа е ВМРО-ДПМНЕ предводено од Мицкоски, освен лажни вести, хајки и деструкција не нудат ништо добро за граѓаните и за државата. Затоа се таму каде што се, во опозиција,изолирани во сопствениот очај и хистерија“,
истакнуваат од владејачката партија.